Бонбоните „Негро“ ја кренаа Шведска на нозе: Продуцент вели дека името е расистичко — се вознемирил кога ги видел слатките во продавница
Музичкиот продуцент ја сподели својата реакција на „Фејсбук“ и додаде дека обично не реагира на вакви појави, но овој пат, особено бидејќи бил со ќерка му, почувствувал дека мора да проговори: „Најмногу ме погоди името ‘Негро’, а потоа и фактот дека до логото стои бел човек,“ рече Бугади.
Музичкиот продуцент Близа Бугади доживеал непријатно изненадување додека пазарувал со својата ќерка во продавницата „Ика“ во Мелндал, Шведска, кога на рафт забележал бонбони од брендот „Негро“. Според него, името и пакувањето претставуваат пример за „нормализиран расизам“ и го потсетиле на периодот на ропството, пренесува „Гетебургс постен“.
Препорачано
„Најмногу ме погоди името ‘Негро’, а потоа и фактот дека до логото стои бел човек. За мене тоа изгледаше како порака: ‘Купете црнец за 10,95 круни’. Ме врати во минатото“, рече Бугади.
Тој својата реакција ја сподели на „Фејсбук“ и додаде дека обично не реагира на вакви појави, но овој пат, особено бидејќи бил со ќерка му, почувствувал дека мора да проговори.
Бонбоните ги произведува српската компанија „Пионир“ и се на пазарот од 1928 година, но Бугади смета дека традицијата на брендот или шпанското значење на зборот „негро“ немаат тежина во шведскиот контекст.
„Во Шведска, црната боја се вика ‘сварт’, а не ‘негро’. Зборот тука има многу погрубо значење. Ова може да испрати опасна порака за генерацијата на мојата ќерка,“ оценува тој.
Бугади разговарал и со вработени во маркетот, кои според него биле изненадени и ветиле дека ќе го известат раководството.
Менаџерот на продавницата „Ика квантум“ во Мелндал, Магнус Алкмарк, изјави дека производот е дел од централниот мултикултурен асортиман на „Ика“ и дека досега не добиле слични реакции. Сепак, по оваа забелешка, посочи дека ќе ја информираат организацијата и ќе го разгледаат случајот, напоменувајќи дека би размислил и за повлекување на производот од полиците.
Џени Ериксон, директорка за асортиман и набавка во „Ика Свиден“, во писмен одговор навела дека компанијата разбира дека името може да предизвика негативни реакции.
„Производот доаѓа од европскиот производител ‘Пионир’, каде што брендот е добро познат веќе долго време,“ пишува таа.
Ериксон додава дека името се однесува на црната боја на бонбоните поради активниот јаглен.
„Свесни сме дека во други контексти зборот може да се сфати како навредлив, но во овој случај тој е веќе етаблиран како бренд во локалниот пазар,“ истакнува директорката.


