„Бомбашот“ Илија Громовник потаен од ЦИА

Триесет и три дена, или народни речено повеќе од месец, македонските безбедносни служби се обидуваат да ја откријат локацијата од каде „бомбашот“ познат во јавноста како „Илија Громовник“ објавува по некоја снимка. Тој од време на време „пука“ со по некој телефонски разговор, најчесто од познат политичар или медиумски експонирана личност, снимки за кои, барем повеќето, испаднаа дека се 100 отсто исти со тие што ги има во посед Спeцијалното јавно обвинителство (СЈО).

Сите надлежни во оваа проблематика за „Слободен печат“ велат дека „истрагата е во тек, се утврдува од каде потекнуваат снимките, кој ги објавува и од која точна локација“. Официјално, ниту еден истражен орган во земјава не кажува до каде е истрагата.

Додека истражителите се мачат да откријат од каде „дува ветрот“, јавноста од медиумите дозна дека „бомбите“ се објавуваат од ИП-дреса од Будимпешта (Унгарија), град во кој од неодамна сосема случајно политички емигрант е и екс премиерот Никола Груевски. Додека истрагата „трае“, за веродостојноста на снимките кои се преслушуваат илјадници пати и се споделуваат на социјалните мрежи се огласи СЈО и самиот премиер Зоран Заев.

Тој неодамна потврди дека дел од објавените разговори што ги слушнал се дел од пакетот материјали што ги предал во СЈО и оти е важно што МВР и Обвинителството постапуваат по нив согласно своите надлежности.

– Од МВР сум информиран дека тие ги превземаат сите дејствија и мерки согласно законот. Тие постапуваат, очекувам одлуки од Јавното обвинителство. Знам дека пред недела, две, исто така, имаше  емитување на бомби што задираат и во приватноста и е поднесена соодветна кривична пријава од страна на Јавното обвинителство. Ако се повторуваат ваквите работи законот е јасен околу ова како постапуваат институциите. За мене е значајно институциите да постапуваат. Дали се тоа дел од разговорите, тоа што го имав слушнато, а ги немам слушнато сите разговори, малку ми стана и мачно после долго време, е од делот на пакетот што го предадов во СЈО, што секако само потврдува дека ние сме добиле само дел од тоа што на времето се правело како неовластено прислушкувањe, и го имало на други страни – изјави премиерот Заев.

Од СЈО по претпоследниот екот од Будимпешта изјавија дека немало теоретски шанси, снимките да се протечени или земени од кај нив.

Притоа нагласија:

– Снимките односно „бомбите“ се земаат од сефот, се прислушуваат и враќаат под строга контрола.

Од СЈО не сакаат да коментираат било што за новите телефонски снимки кои веќе се објавуваат од многу медиуми.

На интернет беа објавени четири телефонски прислушувани разговори. Зад објавата стои извесен корисник „Илија громовник“, а разговорите се објавени на мрежата Vk.com под хаштагот „Чичо“ и „Македонија“. Корисник со истиот псевдоним прeд еден месец објави четири телефонски разговори насловени како: „Оливер и Гордана“, „Кочо и Саше“, „Фрчко и Алберт Муслиу“, и „БЦ и Дамјан Манчевски“.

Според Законот за заштита на приватноста донесен во 2015 година, објавувањето на вакви разговори е противзаконски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот