Боки 13 обвинува: Одземеното ќе го вештачат по четири години, брендираната гардероба ми е заменета со фалш

Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Бојан Јовановски – Боки 13 во писмо испратено до медиумите вели дека Агенцијата за одземен имот никогаш нема направено вештачење и утврдена вредност на одземената гардероба и друга брендирана стока во предметот „Рекет“.

Токму така, браво за агилноста што после скоро 4 години самите си потврдувате дека без вештачење, без утврдена вредност и проценка како задолжителни законски елементи од една законита кривично-правна постапка, јас сум осуден и денеска издржувам казна затвор, алал вера!, пишува Боки 13.

Вели дека во текот на судењето заедно со неговиот адвокат Сашо Дуковски повеќе пати испратиле барање за вештачење на одземената гардероба, чевли, чанти, накит, очила, часовници, уметнички слики, лустери, фотелји и гарнитури за седење. Истото тоа го посочиле и пред Апелациониот суд во жалбената постапка, а за истото тоа пишувале и пред Врховниот суд во барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда,

Но се беше залудно, бидејќи наредбата да бидам осуден (без докази и без законито спроведена постапка) беше посилна од законот и правото!!!, се додава во соопштението.

Вели дека Вилма Русковска била должна пред да ја достави одземената гардероба и брендирана стока како доказ, да изготви судска постапка согласно ЗКП.

А не така на ѓутуре како крвник да ми ја одземе цела гардероба која била стекната во изминатите 15-20 години, за која истата таа Вилма во обвинението наведе дека целата одземена гардероба и друга брендирана стока сум ја купил за само четири месеци, замислете супермен да бев па не ќе можев да ја купам за 4 месеци. Но, во моментите на супер слава и супер моќ на денес суспендираната Вилма и проаѓаше се како подмачкано, па така и магаре да донесеше во судница и да кажеше дека сум купил магаре од 1.5м евра (никогаш недокажаните и наводни пари од Орце Камчев), ќе беше круцијален доказ за онаа судијкана Васка роднина-братучетка на Иван Џолев и онаа другана судијка Софче да ме осудат така крвнички и политички нарачано!!!, пишува Јовановски.

Прашува зошто токму сега, после четири години се прави вештачење и проценка и обвинува дека одземената гардероба и брендирана стока е украдена и заменета со други парчиња, слични на одземената.

Дали доколку се изврши вештачење и проценка после четири години, Агенцијата со истото сака да ми помогне па вештачењето и проценката да ми бидат основ за повторување на постапката и одново процнување на Рекет, па ви благодарам многу другари, направете го што побрзо, иако однапред знам дека давате само голи соопштенија, а дека вештачење и проценка никогаш нема да направите, бидејќи не ви одговора, бидејќи веќе и немате што да вештачите, дотолку повеќе што главната поента зошто молците и глувците ќе останат гладни е токму тоа, што одземената гардероба и друга брендирана стока е дрско испокрадена и заменета со други парчиња слични на одземената брендирана стока!!! Само си се прашувам: чии ли нечисти раце ми ги носат чантите? Чии ли нечисти нозе ми ги носат чевлите? Чии ли проклети очи ги скриваат моите очила? И кој ли си го мери времето до зад решетки со моите часовници?!?!, пишува во соопштението.

Потенцира дека не сака одземеното да биде вратено, туку ќе го донира, но за жал за тоа нема да се случи бидејќи веќе е украдено.

И сосема за крај, Вилма ти порачувам дека ќе одговараш за сите злодела кои ги имаш направено, меѓудругото и за овој криминал со одземената гардероба и брендирана стока, бидејќи ти си директно одговорна заедно со твоите помошнички судијки Васка Масевска- Наумовска и Софче Гаврилова-Ефремова и ти тврдам дека ќе дојдеш зад решетки, бидејќи суспендирањето за тебе е награда а не казна, за тебе вистинската казна ти следува со процесот “Бумеранг”!!!, вели Јовановски.

Побара уметничките слики да бидат предадени во некој од музеите на Македонија, ако, како што вели, „веќе не висат на нечии крвави ѕидови“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот