Фото Архива

Бојкотот на големите ги наполни касите на малите пекарници

Во текот на завчерашниот ден се распродадоа дури и специјалните видови лебови, чија цена се движи и до 90 денари. Се трошат и последните залихи брашно по маркетите, бидејќи граѓаните ги „засукаа ракавите“ и почнаа да месат леб

Втор ден откако индустриските пекарници не произведуваат, тазе леб во Скопје има само за ранобудниците и тоа во маалските пекарници, кои ја симнаа цената на векните од 400 грама на 29 и 30 денари. Кај нив во четвртокот можеше дури да се „резервира“ леб за следниот ден, бидејќи произведеното се распродава во првите два часа. Граѓани на социјалните мрежи објавуваат слики на кои се гледаат редици пред една фурна во Кисела Вода, но оние што се успале, останаа со празни раце.

Реално, велат во една локална пекарница, тие немаат капацитет да го снабдат целиот пазар, но деновиве продажбата им е двојно зголемена. Во меѓувреме, на рафтовите на големите маркети, на кои до пред два дена имаше голем избор на лебови, празнините се пополнуваат со двопеци, милиброди и ретки, но прескапи лебови за слабеење. Обиколката на терен покажа и дека во текот на завчерашниот ден се распродале дури и специјалните видови леб, чија цена се движи и до 90 денари. Дел од маалските продавници се снаоѓаат, па склучуваат договор со некоја мала фурна од приградските населби, но велат дека тие немаат капацитет да ги задоволат дневните потреби на граѓаните.

– Во средата донесовме стотина килограми леб од една селска фурна во близина на Скопје, но тоа не е решение – ни рекоа во една маалска продавница во Аеродром.

За разлика од главниот град, во помалите градови во државата нема проблем со снабдувањето бидејќи има доволно конкуренција. Ова беше претходно потврдено и од пазарните инспектори, кои истакнаа дека не треба да нè чуди што цената на лебот во Охрид е пониска од онаа во Скопје.

– Веќе втор ден не добиваме леб од производителите од Скопје што досега редовно дистрибуираа леб, па така вчера и денеска рафтовите за леб од „Жито лукс“ останаа празни. За другите лебови од регионот немаме никаков застој и пекарниците се придржуваат до замрзнатата цена, па дури и повеќе од тоа, ги намалија цените од 29 до 32 денари. Оваа недела се зголеми потрошувачката на брашно. Граѓаните кажуваат дека почнале да си месат и да печат леб – велат вработени во маркетите во Штип, за СДК.мк.

Во меѓувреме, се трошат и последните залихи брашно по маркетите, бидејќи граѓаните ги „засукаа ракавите“ и почнаа да месат леб. Досетливите трговци со бела техника го искористија моментот и почнаа да рекламираат попусти за апарати за печење леб во домашни услови со цени од 4.500 до 15.000 денари во зависност од брендот.

Пазарните инспектори во средата извршиле 189 надзори во целата земја, но нивната надлежност е само да контролираат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на белиот и на полубелиот леб. Александра Котели од ДПИ за Телма ТВ, рече дека е утврдено дека цената на лебот што е опфатен по одлуката на Владата е 33 денари онаму каде што го има.

Претставниците на пекарите, во средата немаа посебен коментар за случувањата, оти „кажале сè што имале да кажат“. Но, дел од нив за МИА, посочуваат дека се подготвени за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција. Тие и натаму тврдат дека мерката за субвенционирана струја дала резултати и цените на прехранбените производи се намалиле.

– Владата никако не смее да отстапи од одлуката за замрзнување на цената на лебот, туку напротив, треба да преземе мерки против фирмите што одбиваат да произведуваат леб – рече економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за ТВ Телма.

Според актуелното законско решение, ако има одлука на Владата што се однесува за вонредни околности и ако таа одлука не се почитува, казните се од 500 до 5.000 евра, изјави во неодамнешно интервју за „Слободен печат“ министерот за економија Крешник Бектеши.

Пекарниците од утре го враќаат белиот леб од 33 денари, на Владата ѝ порачаа: Ќе се видиме на суд!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот