Пекарниците од утре го враќаат белиот леб од 33 денари, на Владата ѝ порачаа: Ќе се видиме на суд!

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ, соопшти дека компаниите максимално ги почитувале владините мерки за поддршка, но Владата донела неуставна и незаконска одлука, со која до 31 мај ќе им се нанесе штета од над 4,5 милиони евра

Белиот и полубелиот леб од 33 денари од утре ќе се врати во продавниците. Пекарниците одлучиле да почнат со нивно производство и испорака, а истовремено ќе тргнат во правна битка за наплата на штетата, што ја претрпеле по владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот. Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ, соопшти дека компаниите максимално ги почитувале владините мерки за поддршка, но Владата донела неуставна и незаконска одлука со која до 31 мај ќе им се нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

Според Малишиќ, пекарската индустрија е жртва на безумието, а одлуките што се носат се на нивна штета – на месечно ниво од над 1,5 милиони евра. Тој се закани дека поради наметнатите загуби, ќе се прилагодат со  намалување на одредени видови леб, но и ќе го намалат бројот на вработени. Претседателот на оваа групација, меѓу другото порача и дека реални се шансите оваа одлука да почне да се применува и кај остатокот на прехранбената индустрија, при што се повика на изјавата на премиерот дека се планира замрзнување на цените на производите и на останатите производи.

Во четвртокот вечерта во Службен весник беше објавена новата владина Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед, со која производителите на леб се обврзуваат да го произведуваат и да го ставаaт во промет лебот со замрзната цена, во количина од најмалку 80 отсто од производството во декември 2022 година. Пекарниците не се согласуваат со оваа одлука и според нив, невозможно е 80 отсто од лебот што го произведуваат да биде бел и полубел!

– Пекарниците се согласија од утре да се почне со производство и испорака на одредени видови леб, во зависност од секој од можностите за да може да им се излезе во пресрет, пред се на потрошувачите, но и да се опстане во периодов на погрешни одлуки, кои нанесуваат штета со несогледливи последици за нас како индустрија – порача Малишиќ.

Малишиќ немаше конкретен одговор колку чини една векна леб, со констатација дека секоја компанија си имала свои пресметки во зависност од големината и од вработените.

– Никој не може да тврди дека знае колку чини еден леб. Ако е тоа така, тогаш сите ќе отвореа фурни од кои ќе вадеа големи профити. Тоа може секоја компанија поединечно да ви каже. Некои имаат по 200, 300, 400 вработени… прават разни видови леб. Полубелиот или белиот леб не чинат исто, нивниот  квалитет е различен, како што им се различни пакувањата, амбалажата, дистрибуцијата, но и залихите. Значи нема единствен одговор на тоа прашање – прецизираше Малишиќ.

Тој немаше одговор и зошто на некои мали пекарници во Штип, Гевгелија, им се исплати да одат во зијан и да печат леб за 28, 29 или 30 денари… Неговата  порака до новинарите беше да се прашаат овие пекарници.

Владата во вторникот донесе одлука да се замрзне цената на белиот и на полубелиот леб до 450 грама на 33 денари, бидејќи пекарниците не се придржувале до ветеното намалување на цените по испораката на субвенционираната струја.

Секогаш има штрајкбрехери!

На новинарско прашање колку компании не испорачувале леб во продавниците, Малишиќ потсети дека на првата координација на која присуствувале 95 отсто од нивните членки, сите биле едногласни за да прекинат со производство и дистрибуција на леб. Што се сменило во меѓувреме?

– Видете, тука сите беа согласни. Малите пекарници што не беа присутни и некои што не се согласуваа, почнаа да испорачуваат, но тоа е нивно право. Така што дел од пекарниците ја почитуваа одлуката и не испорачуваа. Колку компании го прекинаа бојкотот, во бројка не можам да кажам, има многу мали и по градовите што не произведуваат леб, има и големи што не произведуваат. Има и што произведуваат. Тоа е тоа. Не се сите наши членки – реагираше Малишиќ.

Ковачевски: Производителите на леб го разочараа народот, ќе има нови замрзнувања на цени

Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш повтори дека нема да дозволи одредени производители да прават екстра профит врз грбот на граѓаните.

– Компаниите што во моментов не сакаат да произведуваат леб по цена од 33 денари, всушност добија најголем дел од субвенциите за евтина струја од 80 евра за мегават час. Ваква цена никаде не можевте да најдете на пазарот во време на криза. Тие треба да покажат одговорност и да го испорачуваат тоа што е потребно. Во нашата држава имаме Закон за трговија, за заштита на потрошувачи и Закон за заштита на конкуренција. Сите законски одредби ќе бидат искористени. Морам да искажам разочарување за дел од производителите. Бевте сведоци по медиумите имаше сметки дека некои продавале леб од 50 денари во доцни ноќни вечерни часови. Тоа е срамота. Од друга страна има одговорни компании и ги спроведуваат мерките согласно одлуките на Владата. На нив сакам да им се заблагодарам – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

Тој најави можни нови замрзнувања на цените на некои основни прехранбени производи. Како што рече, во тек се анализи во Министерството за економија, а по завршување на сите пресметки јавноста ќе биде информирана.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот