Бојата за храна што се наоѓа во прехранбените производи поттикнува воспалителни болести на цревата
Популарната вештачка црвена боја за храна, што се наоѓа во многу најпродавани прехранбени производи, може да го зголеми ризикот од Кронова болест и улцерозен колитис, сугерира нова (мала) студија.
Препорачано
Како што е објавено во „Природни комуникации“ (Nature Communications), адитивот, односно синтетичката боја наречена Allura Red AC, FD&C Red 40 и Food Red 17 му штети на здравјето на цревата и поттикнува воспаление ако се консумира често и долготрајно. Истражувањето покажало дека овој адитив директно ја попречува цревната бариера и го зголемува производството на серотонин и хормони што се наоѓаат во цревата. Оваа реакција го менува микробиомот, што доведува до зголемена чувствителност на воспалителните состојби на цревата.
– Она што го откривме е алармантно бидејќи оваа вообичаена синтетичка боја за храна е можен прехранбен предизвикувач за воспалителни болести на цревата – рекол вишиот автор на студијата, д-р. Валиул Кан од Универзитетот Мекмастер во Хамилтон, Онтарио.
Повременото консумирање на боја не предизвикало воспаление, но д-р Кан предупредува дека врската помеѓу најчесто користените бои за храна и воспалителните болести на цревата секако бара дополнително истражување. Allura Red AC долго време се сомничи дека му штети на здравјето. Постои голема загриженост за влијанието на вештачките бои за храна врз однесувањето на децата. Според Американската академија за педијатрија, вештачките бои ги зголемуваат симптомите на нарушување на вниманието и хиперактивноста, но регулаторните тела велат дека количината на хемиската боја во просечната исхрана е премногу мала за да претставува закана по здравјето. Препорачаниот дневен внес не смее да надминува 3,2 милиграми по килограм од телесната тежина на една личност.
Црвената боја е сѐприсутна во преработената храна, бонбоните, грицките, безалкохолните пијалаци и житарките, зачините, сладоледите, пекарските производи, овошните сокови и козметиката.


