Бојана Скендеровски/Фото: Приватна архива

Бојана Скендеровски стана амбасадор на хуманоста: Ме трогна средбата со децата од Домот „11 Октомври“

Амбасадор на хуманоста на Домот за деца без родители „11 Октомври“ значи мисија што треба да поттикнува, тоа значи дека треба да ја подигнеме свеста, што значи да се биде згрижувач, затоа што дечињата повеќе не се во Домот како зграда, туку се наоѓаат во згрижувачки семејства и плус дел од нив се наоѓаат во центри за поддршка.

Бојана Скендеровски со многу емоции зборува за средбата со децата од Домот за деца без родители „11 Октомври“, каде што ја доби титулата амбасадор на хуманоста. Поп-пејачката вели дека е среќна што започнува ново поглавје во животот, насочено кон поддршка, грижа и видливост на децата без родителска грижа. Настанот бил исполнет со силни емоции, искрени средби и моменти, кои, како што самата вели, засекогаш ќе ги носи во себе.

​– Најпрво сакам да се заблагодарам на директорката на јавната установа Детски дом  „11 Октомври“ – Скопје, за честа да бидам првиот амбасадор на хуманоста на оваа куќа. Но, најмногу сакам да им се заблагодарам на децата, кои денеска нè пречекаа со толку многу искрена љубов и топлина. Ова за мене не е само една обична титула или признание, туку обврска што ја прифаќам со сета моја морална и човечка одговорност. Среќна сум што мојот јавен збор и моето влијание во медиумите сега ќе добијат една сосема нова, благородна и хуманитарна насока – вели Бојана.

 

За еден од најемотивните моменти на средбата со децата, таа го издвојува подарокот што го добила од еден млад уметник, графика со нацртано велигденско јајце на која има гитара и микрофон.

​– Подарокот што го добив сега од еден млад и исклучително талентиран уметник што живее тука во Домот, за мене вреди повеќе од која било награда што сум ја добила во кариерата. Знаете, кога едно дете ќе ви пријде со толку чиста емоција и ќе ви каже: „Бојана, ова го нацртав специјално за тебе“, тоа ве менува како човек. Оваа слика ќе го има најпочесното место во мојот дом“ – вели пејачката и додава дека и нејзините деца Искра и Ѓорѓи, ќе ги насочи да се дружат со тие деца и да им помагаат.

– Слушнав една преубава и многу емотивна приказна за едно дрвце во дворот на Домот. Ми кажаа дека тоа дрвце годинава „слави матура“ заедно со децата од оваа генерација што го завршуваат своето средно образование. Тоа растело истовремено со нив, ги слушало нивните желби и тајни сите овие години. На тие матуранти им ветив дека ова не е само протоколарна посета, сакам да бидам нивна поддршка сега кога излегуваат од Домот – додаде Бојана и рече дека целата средба со децата ја преживеала многу лично.

​– Ова го преживувам многу лично, пред сè, како мајка. Моите деца дома се мојот најголем благослов, но денес овде, моето срце се прошири за уште многу деца на кои им е потребна само една прегратка и малку внимание. Ова е лекција по емпатија што им ја пренесувам и ним. Сакам да знаат дека среќата не се купува, туку се споделува – додава пејачката.

Кога првпат ѝ се јавила новата директорка на Домот, Павлина Трајановска, пејачката вели дека била почестена и во текот на разговорот ѝ потекле солзи радосници.

​– Амбасадор на хуманоста на Домот за деца без родители „11 Октомври“ значи мисија што треба да поттикнува, тоа значи дека треба да ја подигнеме свеста, што значи да се биде згрижувач, затоа што дечињата повеќе не се во Домот како зграда, туку се наоѓаат во згрижувачки семејства и плус дел од нив се наоѓаат во организациони единици. Значи, тоа се три центри за поддршка каде што живеат во помали колективи и за нив се грижи персонал – психолог, негувател, готвач итн. Тоа значи дека треба да поттикнуваме да им се дава поддршка во текот на целиот период на годината. Тие имаат и свои потреби, дел од нив стануваат матуранти, па некои бараат и вработување, имаат потреба од најразлични нешта за разни цели. И затоа идејата е повторно да поттикнеме дека Домот за деца без родители „11 Октомври“ сè уште постои, функционира на различен начин од претходно и ним сè уште им е потребна поддршка, пред сè, поради фактот што се без родителска директна грижа и дека секој вид хуманост им е потребна. Некогаш само дружење, да бидат дел од јавни настани како гости и навистина мислам дека тоа како општество ние го можеме – вели пејачката.

Бојана Скендеровски со директорката Павлина Трајановска на Домот „11 Октомври“/Фото: Приватна архива

Таа додава дека децата од Домот многу го бендисале нејзиниот настап на фестивалот „Макфест“ со песната „Љубов се пишува“ минатата година и сакаат заедно да ја пеат нумерата, а таа да ја облече креацијата од настапот.

Освен поголемите деца во Домот, пејачката сподели и дека посебни емоции ѝ разбудила средбата со едно деветмесечно бебе.

– Моите деца пораснаа, одамна не сум го почувствувала тој бебешки мирис – вели Бојана и додава дека нејзината работа како амбасадор започнува веднаш.

– Сакам да најавам дека мојот следен голем чекор е концертот во Тетово, кој ќе се одржи на 22 мај во Домот на културата. Веќе одлучив дека целата енергија, како и добар дел од ресурсите и средствата од овој концерт, ќе бидат насочени кон поддршка на Домот и овие деца. На децата им ветив – ние сме пријатели за цел живот. Пријателите се тука и во добро и во тешко – заклучува поп-пејачката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот