Ангел Самараков, фото „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ
Ангел Самараков, фото „Слободен печат“ / Слободан Ѓуриќ

Благоја Коруновски не дојде на судењето на бодигардот на Мицкоски обвинет дека му одавал полициски документи

Во Кривичниот суд Скопје денеска продолжи судењето каде обвинет е Ангел Самараков, припадник на шестата управа – обезбедување на ВИП личности, кој до неодамна му беше лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски. Самараков е обвинет дека оддал службена тајна на човек кој во судската постапка се води како сведок – Благоја Коруновски.

Коруновски вчера на Вибер на обвинителката Ивана Трајчева ѝ испратил порака дека денеска треба да биде примен на втора операција на срце во Србија поради тоа што првата била неуспешна. Од овие причини истиот не се појави на рочиштето да сведочи.

-Воедно ме извести дека во болницата во Србија ќе биде најмногу 7 дена, рече обвинителката Трајчева.

Адвокатот на Самараков Ивица Евремов рече дека на мобилен телефон му дошле фотографии од пред 5 часа на кои како што рече „Коруновски ужива и не е на операција“.

Обвинителството во судница изведуваше снимки, дел од кои снимени од надзорна камера пред мини-маркет пред кој се паркирани автомобили, а другите снимени од страна на самиот Благоја Коруновски внатре во автомобил со уште едно лице на кое не му се гледаше ликот туку му се слушаше гласот.

Обвинителството тврди дека тоа лице внатре во автомобилот со Благоја Коруновски е Ангел Самараков, а одбраната тврди дека не се гледа кој е заедно со Коруновски во возилото, ниту пак се гледа регистарската табличка на автомобилот за да се тврди дека се работи за негово возило.

Сите документи прикажани на снимките имаа заеднички именител – тоа биле полициски службени документи, записници од примени пријави за различни лица за кривични дела, сите водени и потпишувани од полициската службеничка Лелита Трајковска Миленкова, вработена во СВР Велес.

Токму во СВР Велес во минатото работел и Самараков, во дел од времето – заедно со Трајковска Миленкова.

На снимките во судница се гледаше како сведокот на Обвинителството, Благоја Коруноски со спортско капче на главата и цигара во устата, седи во автомобил, а до него имаше документи во автомобилот  –  записници за примање пријава во СВР Велес и името на полицајката Лелита Трајковска Миленкова на дното од записниците. Со Коруновски во возилото се слуша уште еден машки глас. Двајцата разговараат за кривични пријави кои во работа биле кај полицајката Лелита Трајковска Миленкова.

Едниот глас прашува „ова е кривична?“, другиот одговара „кривична е да, тешка кражба, 235 ти е кражба, 236 е тешка кражба“.

Разговорот на снимката продолжува на начин што машкиот глас кој не се гледа а е во автомобилот на Благоја Коруновски му вели:

„Абе што ти е брат, за пеесче е, се што треба ќе дотерам, абе другарка ѝ ќе ѝ даде се што треба“.

Другиот глас вели – „таа ли требало да ги реши“?

Одговорот е:

– Да, ова не се мои дела што сум ги работел, еве записник за примање пријава. Како не е за пеевче, за пеевче е. Ова е дело 206 кое не го поднела, се што требало ѝ било дотерано, само требало да поднесе пријава, се слушаше во судница дека кажува сопатникот на Коруновски.

Коруновски потоа прашува „ова го има само кај тебе?“, а другиот машки глас одговара потврдно и дека документите се оригинали.

Потоа Благоја Коруновски на снимката вели:

-Ништо, колку? Што мислиш која да биде цифрата?

Другиот машки глас одговара:

-Педесет брат, јас искрено би се задоволил и со 25, повеќе не ми треба, ама 25 да ѝ ги земеме, јас да добијам 25. 

Адвокатот на Самараков Ивица Ефремов приговараше дека се гледаат службени материјали кои ги држи некое лице и дека тие се направени во некоја канцеларија.

-Ниту знаеме како, ниту каде. За другите два видео-материјали кои имаат и тонски запис, се гледа лик на лице за кое обвинителството тврди дека е Благоја Коруновски, кое самото се снима себеси, но кога говори телефонот го трга настрана така што не се гледа дека тој зборува. За цело време на двете снимки. Тоа се приговорите и генерално, на ниту еден од овие материјали го нема обвинетиот Ангел Самараков. Точно е има говор на некое лице и толку. Сакаме обвинителот да се произнесе кој ден и во колку часот се направени овие материјали, побара Ефремов.

Обвинителката рече дека Обвинителството не ги креирало материјалите, туку дека презентира што има на снимките.

-Денеска се заврши со изведување на материјалните докази на обвинителството но не и на вербалните. Кога ќе се заврши со целосно изведување и на вербалните докази ќе се има целосна слика за настанот, истакна обвинителката Трајчева.

Судот потоа ја сослуша самата Лелита Трајковска Миленкова, магистер по државна безбедност и завршен правен факултет, аналитичарка во СВР Велес која на работа била примена во 2020 година и работела на повеќе позиции – прво како помлад инспектор, па како инспектор за дрога и оружје, па како инспектор за малолетници и семејно насилство, самостоен инспектор по крвни деликти а од вторникот го зела решението за аналитичар.

Таа сведочеше дека Ангел Самараков го знае од денот кога се вработила во СВР Велес, но моментално не разговараат. Заедно работеле во иста канцеларија, а повремено во канцеларијата со нив двајца имало и други полициски службеници што работеле со нив. Односите со Самараков ги опиша како „исклучиво колегијални, ни помалку ни повеќе“ и рече дека никогаш ниту кафе не испиле заедно. Адвокатот на Самараков ја прашуваше дали додека работела во СВР Велес имала безбедносен сертификат, но таа рече дека еднаш ја одбиле за сертификат во 2023 а сега повторно е во процедура за негово издавање.

Запрашана дали во текот на работата работела со класифицирани документи, Трајковска Миленкова рече дека не може да се сети, но дека ако тоа го правела тогаш ѝ било дадено од началник, но не ѝ било никогаш напоменато дека некој документ е класифициран.

За Благоја Коруновски рече дека не го познава.

-Пред неколку години ми беше покажан од еден колега и сосема заборавив на него, се додека не се случи сето ова. Потоа се распрашав по луѓе и ми кажуваат кој е и што е. Три дена после мојот претрес и апсењето на Ангел не знаев кој е тој човек, рече Лелита Трајковска Миленковска. 

Претресот ѝ се вршел за оддавање службена тајна, ѝ одзеле мобилен телефон и не било најдено ништо.

Инаку, Благоја Коруновски кој сега е сведок во постапката односно кој според Обвинителството требало да ги прими документите наводна службена тајна, е познат на органите на прогонот и е осуден за убиство во 2007 година. Обвинителката Ивана Алексова Трајчева вели дека неговиот бекграунд не е причина да не му се верува овој пат.

Обвинителката Ивана Трајчева рече дека во текот на главната расправа обвинителството ќе докаже дека Ангел Самараков на 30 март 2025 година околу 23 часот, на паркинг пред хотелот „Гарденија“ во Велес, како службено лице вработено во МВР, а од користољубие, на сведокот Благоја Коруноски му дал достапни службени документи на МВР кои се службена тајна, за сведокот тие документи да ги објави на социјалните мрежи.

-За тоа обвинетиот Самараков требало да прибави од лицето Лелита Трајковска Миленкова износ од 50 илјади евра. Со тоа му се става на товар дека сторил кривично дело одавање службена тајна по член 360 став 2 во врска со став 1 – рече обвинителката Трајчева.

Одбраната на полицискиот службеник, тврди дека се работи за незаконито поттикнување на кривично дело што Благоја Коруновски го направил врз Самараков, затоа што токму полицискиот службеник Самараков бил тој што во 2019 година го уапсил Коруновски кога тој бил во бегство повеќе од 2 години.

Самараков запрашан дали се чувствува виновен за кривичното дело кое му се става на товар, на минатото рочиште одговори негативно.

ВИДЕО | „Не сум виновен“, рече бодигардот на премиерот Мицкоски, Ангел Самараков, обвинет за одавање службена тајна на Благоја Коруноски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот