Ристо Крмзов / Фото: скриншот

Бизнисменот Крмзов извисил купувачи на станови во неговиот комплекс во Струмица?

Загрижени граѓани алармираат дека градбата на комплексот на бизнисменот Ристо Крмзов започнала во 2016 година, но и по речиси една деценија зградите се недовршени, делумно населени без имотни листови, а дворните простори и гаражите се во хаотична и опасна состојба.

Група загрижени купувачи и станари во станбениот комплекс „КРМЗОВ-МР“ во Струмица испратија апел до медиумите за поддршка и внимание кон, како што велат, „сериозната и небезбедна состојба“ во која се наоѓа нивниот комплекс.

Според нивниот допис, градбата започнала уште во 2016 година, но речиси десет години подоцна проектот сè уште не е целосно завршен и не е предаден на користење.

Во моментов, две од четирите предвидени згради се во финална фаза и делумно населени, но без издаден технички прием и имотни листови. Третата зграда е во карабина фаза, а четвртата е само со поставени темели.

„Живееме во хаос и небезбедност“

Станарите опишуваат дека целиот комплекс е оставен во хаотична и небезбедна состојба, особено во дворниот дел и гаражите, каде што има недовршени градежни работи и реални ризици за безбедноста на жителите.

„Инвеститорот (Ристо) Крмзов. кој е во притвор, веќе околу една година е под истрага за рекордна сума на затајување данок, што дополнително ја влоши довербата и го зголеми стравот на купувачите,“ се наведува во апелот.

Дополнителен проблем, според жителите, е тоа што во моментот е забрането (од инспекторат при Општина Струмица) ангажирање агенција за одржување на зградите, што уште повеќе ги отежнува секојдневната состојба и животните услови на станарите кои веќе живеат таму, велат загрижените граѓани.

Приведен струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов

Над 150 семејства без правна сигурност

Повеќе од 150 семејства се директно засегнати, од кои многумина имаат преддоговори и предбележани имоти, а дел дури и целосно исплатени станови, но без правна сигурност дека ќе можат да ги користат или легализираат своите домови.

Станарите велат дека очекуваат институциите да реагираат и да спречат, како што нагласуваат, „уште еден недовршен и заборавен случај, како што беше со проектот ФИКОМ“.

Фирмата на Крмзов е во катастрофална состојба

Според податоците, објавени на деловната платформа „Компани вол бизнис“, компанијата „КРМЗОВ-МР“ ДООЕЛ Струмица моментално е со многу висок кредитен ризик и во критична финансиска состојба.

Актуелен управител, содружник и основач на фирмата е Ристо Крмзов, кој се води како единствен сопственик со 100 отсто удел. Компанијата е регистрирана на 3 мај 2013 година, а главна дејност ѝ е изградба на станбени и нестанбени згради.

Финансиска состојба и блокирани сметки

Во извештајот на „Компани вол“ е наведено дека фирмата има блокирани сметки во четири банки – Централна кооперативна банка, НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка Битола и Комерцијална банка.

Компанијата има прикажани даночни долгови во износ од 221.600 евра за ДДВ и 1.369.900 евра за данок на доход, што укажува на сериозни финансиски потешкотии.

Продлабочениот кредитен извештај ја класифицира фирмата во категоријата „CC – многу висок ризик“, со предупредување за „сериозен ризик од стечај“ и намален рејтинг поради повеќекратни блокади на деловниот и тековниот сметковен лет.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со надлежните во Општина Струмица и со Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, но до моментот на објавувањето на овој текст не доби одговори на поставените прашања.

Телефонскиот број на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, исто така, е недостапен – повиците се пренасочуваат кон електронска секретарка.

МВР: Уапсениот бизнисмен Крмзов, други 22 луѓе и 15 фирми ја оштетиле државата за 94,3 милиони евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот