Фото: илустрација / EPA/EFE / FEHIM DEMIR

Бизарен случај во Босна – полициски инспектор загина ограбувајќи го поранешниот сопруг на љубовницата

Полициски инспектор од босанскиот град Брчко загина во бизарен инцидент кој се случил додека инспекторот се обидувал да го ограби станот на поранешниот сопруг на жена со која бил во љубовна врска, јавија регионалните медиуми.

Клучот на загинатиот инспектор му го дала жената, која го чекала во близина додека тој „оперирал“ во станот на нејзиниот поранешен сопруг. Обидот за грабеж завршил трагично кога полицаецот, обидувајќи се да избега преку прозорецот од станот, паднал и починал на самото место.

Полицијата на округот Брчко потврди дека нивните службеници добиле дојава за бучава во стан во станбена зграда во четврток вечерта.

„Утврдено е дека непознато лице, најверојатно користејќи го оригиналниот клуч, влегло во станот без овластување, а исто така, со намера да го напушти местото на настанот, се здобило со повреди од кои починало. Во непосредна близина на местото на настанот, во возилото на жртвата е пронајдена поранешната сопруга на сопственикот на станот, која се поврзува со извршувањето на кривичното дело“, соопшти полицијата во Брчко.

Бањалучката „Алтернативна телевизија“ (АТВ), повикувајќи се на неименувани полициски извори, објави дека полицајците ја нашле вратата од станот заклучена и морале да ги повикаат пожарникарите за да ја скршат. Станот бил полн со расфрлани работи, а на подот имало сеф со видливи знаци дека некој се обидувал да го обие.

Еден од прозорците бил отворен, а телото на крадецот, кој очигледно неуспешно се обидел да избега, лежело на улицата пред зградата, пишуваат локалните медиуми. Полицијата на крајот утврдила дека починатиот всушност бил нивен колега, инспектор во полициската управа на Брчко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот