Бил Козби мора да ѝ плати 16 милиони евра на жената што ја дрогирал и сексуално ја нападнал во 1972 година
На осудениот комичар Бил Козби му е наредено да ѝ плати повеќе од 19 милиони долари (16,3 милиони евра) отштета на Дона Мотсингер, жената што го обвини дека ја силувал, откако поротата утврди дека ја дрогирал и сексуално ја нападнал пред повеќе од 50 години. Пресудата од 19,25 милиони долари вчера ја донесе калифорниската порота, на третиот ден од расправата, пишува „Пејџ сикс“.
Препорачано
Нападот од 1972 година
Мотсингер ја покрена граѓанската тужба против поранешниот актер од „Козби шоу“ во септември 2023 година во Високиот суд во Лос Анџелес. Таа тврдеше дека Козби, сега 88-годишен, сексуално ја нападнал во 1972 година по еден од неговите комични настапи, давајќи ѝ вино и таблета од која ја изгубила свеста.
– Се разбудив во својата куќа облечена само во долна облека – без маица, градник и панталони. Таа знаела дека Бил Козби ја дрогирал и ја силувал – рекле нејзините адвокати во судските документи.
Реакции на пресудата
Козби не сведочел во текот на речиси двенеделното судење, а неговата адвокатка, Џенифер Бонжан, најавила жалба.
– Очигледно сум разочарана од пресудата, но веруваме дека имаме цврсти основи за жалба и имаме намера да ја поднесеме – рекла таа по објавувањето на одлуката.
Од друга страна, Мотсингер ја поздравила одлуката на поротата.
– Потребни беа 54 години за правдата да биде задоволена. Знам дека со тоа не е задоволена за сите други жени, но се надевам дека ова барем малку ќе им помогне – рекла поранешната келнерка пред судницата во Санта Моника.
Таа додала дека отштетата од 19 милиони долари е „шлагот на тортата“, па нагласила колку е важно за неа што „ѝ поверувале“ и дека Козби „на некој начин мора да одговара за она што ми го направи“.
Поротата ѝ доделила на Мотсингер и казнена отштета, чиј износ сè уште не е утврден.
Козби се жалел на финансиски проблеми
Износот од 19,25 милиони долари се смета за значаен удар за осрамотениот комичар. Во текот на давањето искази во склоп на оваа парница минатата есен, Козби тврдеше дека поради обвинувањата има финансиски проблеми.
– Поради обвинувањата што се ширеа во весниците, радијата, телевизиите, списанијата и на интернет, не работев десетина или повеќе години. Ова значи дека како забавувач, писател или телевизиски актер, не сум заработил ниту цент, освен од репризите, а мојата нето вредност потона како подморница без мотор – рекол тогаш Козби.
Претходни судски случаи
Ова е втора граѓанска тужба за сексуален напад што Козби ја изгуби во последниве години. Поротата во Санта Моника претходно го прогласи за одговорен за сексуално злоставување на Џуди Хат во вилата „Плејбој“ во 1975 година, кога таа имала само 16 години. Тогаш му беше наредено да ѝ плати 500.000 долари.
Козби во 2006 година се спогоди со Андреа Констанд за 3,5 милиони долари поради нејзините обвинувања за сексуален напад, а во 2019 година постигна уште една спогодба со седум жени кои го тужеа за клевета затоа што ги нарече нивните обвинувања лажни. Козби беше осуден во 2018 година за тешко сексуално злоставување поради дрогирање и напад на Констанд во 2004 година.
Иако доби казна од три до 10 години затвор, тој отслужи само три години пред Врховниот суд на Пенсилванија да ја поништи пресудата во 2021 година поради процедурална грешка поврзана со претходен договор на обвинителот.
Изјава на поранешниот претставник
По пресудата во понеделникот, поранешниот претставник на Козби, Ендру Вајат, изјави за „Пејџ сикс“:
– Длабоко сум тажен поради оваа пресуда. Таа поставува опасен преседан со тоа што дозволува да опстануваат со децении стари обвиненија да продолжат без никакви докази. Се чини дека јавното мислење е силно изманипулирано против г-дин Козби, поради што поштеното судење беше речиси невозможно. Моите мисли и молитви се со г-дин и г-ѓа Козби во овие тешки моменти; тие заслужуваат да уживаат во своите златни години во мир.
Бил Козби е виновен: Ќе мора да исплати 500.000 долари за сексуално злоставување


