БиХ доби влада речиси пет месеци по одржувањето на општите избори
Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина денеска го потврди назначувањето на новиот состав на Советот на министри, со што БиХ доби влада речиси пет месеци по одржувањето на општите избори.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Пратениците на итната седница со една точка на дневен ред ја потврдија одлуката на претседавачот со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, за именување министри, заменици министри и заменик-претседател на Советот на министри на БиХ.
За министри гласаа вкупно 23 пратеници, а за просто мнозинство и потврда беа доволни 22 гласа. Против беа 19 пратеници, а воздржани немаше.
Пратениците на денешната седница го потврдија именувањето на Елмедин Конаковиќ (Народ и правда -НиП) за министер за надворешни работи на БиХ, Зоран Тегелтија (Сојуз на независни социјалдемократи – СНСД) за министер за финансии и трезор, Сташа Кошарац (СНСД) за министер за надворешна трговија и економски односи, Давор Буноза (ХДЗ) за министер за правда, Едина Форте (Наша странка) за министер за транспорт и врски, Дубравка Бошњак (ХДЗ) за министер за цивилни работи, Ненад Нешиќ (Демократска народна партија – ДНС) за министер за безбедност, Зукан Хелез (СДП) за министер за одбрана и Севлид Хуртиќ (Зелени БиХ) за министер за човекови права и бегалци.
Заменици на претседавачот со Советот на министри на БиХ ќе бидат Зоран Тегелтија и Зукан Хелез.
Од крајот на војната во БиХ и потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, никогаш не била составена нова влада толку брзо по изборите.
Министрите прво беа потврдени од ЦИК на Босна и Херцеговина, потоа поминаа проверки на Државната агенција за истраги и заштита -СИПА, по што нивните назначувања дојдоа во Собранието.


