Шанди Саливан / Фото: Profimedia

„Бев силувана, а потоа сè беше заташкано“: Вознемирувачка исповед на натпреварувачка во „Следниот топ-модел на Америка“

Поранешната натпреварувачка на „Следниот топ-модел на Америка“ (America’s Next Top Model), Шанди Саливан, во новиот документарец на Нетфликс тврди дека озлогласениот скандал со „неверството“, кој ја одбележа нејзината сезона, всушност бил – сексуален напад.

Во документарецот „Проверка на реалноста: зад кулисите на ‘Следниот топ-модел на Америка’“ (Reality Check: Inside America’s Next Top Model), авторите се осврнуваат на темната страна на популарното натпреварување. Саливан тврди дека инцидентот кој во емисијата бил прикажан како неверство бил последица на состојба во која не можела да даде согласност.

Во тоа време имала 21 година. Учествувала во втората сезона на шоуто, емитувана од 2003 година, откако тогашниот дечко ја наговорил да се пријави. Работела во „Волгринс“ во Канзас и, како што раскажува, не се чувствувала „убаво“, а нејзината приказна требало да биде онаа за „грдото пајче што станало лебед“.

Спорниот настан се случил за време на престојот во Милано. По возење со „веспи“ со неколку машки модели, натпреварувачките ги поканиле во сместувањето на вино и вечера. Саливан, која денес има 43 години, вели дека сама испила две шишиња вино и не јадела ништо.

„Се сеќавам дека влегов во џакузи. Се сеќавам на Ејприл и Мерцедес како влегуваат. Потоа се сеќавам како тој ме погледна, а јас него. Во тој момент бев прилично пијана. Сè по тоа ми е замаглено“, раскажува таа.

Тврди дека била „целосно пијана“ и дека се сеќава само на делови – нејасен бакнеж и моментот кога мажот бил врз неа.

„Бев во несвест. Не ни почувствував дека се случува сексот, иако знаев дека се случува. Никој ништо не направи за да го запре тоа. И сè беше снимано“, вели Саливан.

Шанди Саливан / Фото: SBM / PictureLux / Profimedia

Следното утро, како што тврди, се разбудила плачејќи и сакала да си замине дома, но продукцијата наводно одбила. Вели и дека првично не ѝ дозволиле да користи телефон, а кога ѝ дозволиле, разговорот со дечкото бил сниман. Во емитуваниот исечок таа му признава дека спиела со друг, по што тој ја нарекува „ку*ва“.

Саливан наведува и дека двајца членови на снимачката екипа биле присутни додека лежела на подот во фетална положба и плачела, и ѝ рекле дека им е жал што морале да го снимаат тоа.

„Ако знаеле дека не е во ред – зошто продолжиле да снимаат?“ прашува таа.

Камерите ја следеле и на лекарски преглед, како и во моментот кога го прашала мажот дали користел заштита. На прашањето дали продукцијата требало да интервенира, Саливан одговара дека по сè што се случило требало да ја „извлечат од таму“.

Креативниот директор и еден од препознатливите членови на шоуто, Џеј Мануел, изјави дека биле известени дека Саливан имала сексуален однос под туш. Објасни дека правило било камерата да не ја следи натпреварувачката ако сама влезе во бања, но дека „технички не била сама“ кога влегла под туш, па камерите влегле и снимиле. Извршниот продуцент Кен Мок изјави дека „Топ модел“ го третирале како документарен формат и дека на девојките им било јасно кажано дека камерите ќе бидат со нив 24 часа дневно, покривајќи „сè – добро, лошо и сè помеѓу“. Додаде дека сцената подоцна била „значително скратена“ во постпродукција.

Водителка, главна судијка и извршна продуцентка на шоуто беше Тајра Бенкс. Таа изјави дека ѝ е тешко да зборува за продукциските одлуки бидејќи тоа „не е нејзино поле“, но нагласи дека „не сè било прикажано на телевизија“.

Тајра Бенкс за ревијата на „Викторија сикрет“: Само се надевав дека нема да ми излезат градите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот