Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Елена Ристеска / Фото: EPA/Profimedia

„Беше чест да се настапи на Евровизија“: Македонските претставници се потсетија на најубавите спомени од фестивалот

Вечерва се одржува големото финале на Избор на песна за Евровизија, музички спектакл што со децении важи за еден од најгледаните телевизиски настани во Европа. За многумина, Евровизија е повеќе од музички натпревар — традиција што секоја година ги собира семејствата и пријателите пред малите екрани.

Македонија веќе четврта година по ред нема свој претставник на евровизиската сцена. Последен пат настапивме во 2022 година, а Македонска радио-телевизија тогаш соопшти дека причината за повлекувањето се зголемените трошоци поврзани со енергетската криза.

Во 2002 година, тогаш 22-годишната Каролина Гочева блесна на евровизиската сцена со песната „Од нас зависи“, во впечатлива креација на модниот дизајнер Александар Ношпал со препознатлив златен корсет. Пет години подоцна повторно настапи на Евровизија со баладата „Мојот свет“ и го освои 14. место во финалето.

„Самиот чин на претставување на својата земја е пред сѐ огромна чест и одговорност. Од годината кога јас последно учествував, пред речиси 20 години, работите се доста променети… тогаш се подготвувавме под сосема поинакви услови, со многу импровизации, а и како изведувачи не секогаш го имавме последниот збор околу повеќето работи“, вели Каролина за „Слободен печат“.

Каролина Гочева на евровизиската сцена во 2002 година / Фото: EPA PHOTO PRESSENS BILD/JESSICA GOW/JG/mr

Таа додава дека уште тогаш Евровизија функционирала како беспрекорно организиран спектакл.

„Што се однесува до самата Евровизија како настан — уште од тогаш тоа беше едно беспрекорно прецизно испланирано шоу и веројатно беше и сѐ уште е сцена за повеќето уметници од овие простори.“

Каролина признава дека првата асоцијација не ѝ се само убавите спомени.

„Искрено, прва асоцијација на Евровизија, (особено втората) ми е стрес, така што стресот преовладува над драгите спомени“, вели таа.

За евентуално враќање на евровизиската сцена, Каролина вели: „До скоро мојот одговор на ова прашање беше ‘изречно не’, но доста време е поминато и сега е сѐ многу поинакво, а мислам и многу поорганизирано, па доколку имам добар проект во кој верувам — би размислила.“

Каролина Гочева на националниот избор во 2007 година / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Во 2004 година цела Македонија со огромно внимание го следеше настапот на Тоше Проески со песната „Life“ на сцената во Истанбул. Дел од тимот тогаш беше и Тамара Тодевска како придружен вокал, а подоцна и самата неколкупати настапуваше на Евровизија.

Најголемиот успех Македонија го постигна токму со Тамара во 2019 година, кога со „Proud“ го освои високото 7. место во финалето и првото место од жирито.

„Незаборавно искуство, особено претставувањето 2019 и целата таа атмосфера околу ‘Proud’. Евровизија за мене, но и за Македонија е потврда дека со квалитетна песна, настап, тим од соработници и подготовка — може да се постигне резултат и да бидеш препознаен не само од регионот туку од цела Европа. Тоа го докажавме со првото место од жирито за ‘Proud’“, вели Тамара.

Таа открива дека токму настапот со „Proud“ и денес ѝ буди најсилни емоции.

„Настапот со ‘Proud’ ми е најдрагиот спомен и доделувањето на 12-ките никогаш нема да го заборавам.“

Тамара Тодевска во 2009 година / Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Но, Евровизија за неа не е само 2019 година.

„Имам навистина убави спомени и со настапот на нашиот Тоше во Истанбул, со ‘Ангел си ти’ и подоцна ‘Во име на љубовта’ со Врчак и Адријан Гаџа… Сите тие моменти се дел од мене, од мојата кариера и навистина сум горда на истите и придонеле да се обликувам и јас како уметник, но и личност во целина.“

Тамара вели дека за евровизиски успех не е доволен само добар пејач.

„Многу е важно артистот, уметникот да има слобода при изборот на песна и тимот од соработници кои ќе бидат со него. Знаете како, Евровизија не е поединец, зад целиот тој триминутен настап стои огромна екипа од луѓе.“

Адријан Гаџа, Тамара Тодевска и Врчак / Фото: EPA/DARKO ANDONOVSKI

Во 2006 година Елена Ристеска со „Нинанајна“ го освои тогаш најдобриот пласман за Македонија — 12. место во финалето.

„За мене Евровизија значи еден од најубавите периоди во кариерата и, дефинитивно, кога ќе помислам на Евровизија ми текнува на милионска публика, еуфорија, прекрасна атмосфера, многу долги припреми, многу новинари, многу интервјуа и исполнето срце.“

Најсилно ѝ останале трите минути на сцената.

„Публиката многу убаво реагираше и знам дека ми беше многу лесно да го извадам сето тоа. Кога ја имате поддршката од публиката, секогаш е сѐ полесно на сцената.“

Елена Ристеска во 2006 година / Фото: ARIS MESSINIS / AFP / Profimedia

Како најдраг спомен, Елена се сеќава на интересна анегдота со Би-би-си.

„Би-би-си петпати ме интервјуираше, а кога веќе немаа што да ме прашаат, само ми рекоа: ‘Ајде само запеј ни нешто убаво’. Беше преинтересно бидејќи секој пат кога ќе ги видевме, ме ‘ловеа’ за изјава, а мене ми беше навистина голема чест бидејќи стануваше збор за Би-би-си.“

Таа се сеќава и на македонската вечер, каде присуствувале бројни евровизиски ѕвезди.

„Меѓу нив беше Северина од Хрватска, Хари Мата Хари од Босна и Херцеговина и Жељко Јоксимовиќ како дел од босанскиот тим, Марија Попова и Азис од Бугарија, Тина Карол од Украина. Навистина беше убаво, имаше прекрасна македонска храна и вино.“

Елена Ристеска во 2006 година / Фото: EPA/KATERINA MAVRONA

„Некст тајм“, односно браќата Стефан и Мартин Филиповски, беа едни од милениците на тинејџерската публика кога во 2009 година настапија со „Нешто што ќе остане“.

„За нас Евровизија беше и остана огромно искуство. Фестивал од светски размери кој, за жал, сметаме дека отиде во друга насока. Претходно Евровизија покрај шоу беше и настан за добро одбрани песни, а денес сметаме дека е битно да бидеш што поексцентричен за да те приметат подобро.“

Најмногу се сеќаваат на дружбите и убавото чувство дека ја претставуваат Македонија.

„Искрено има многу убави моменти, но дружбите со целата делегација, со сите претставници и сите познанства што ги стекнуваш – остануваат засекогаш во нашата меморија. Но, најдраго е што во себе знаеме дека токму баш ние од толку луѓе или артисти во Македонија ја имавме честа да ги браниме боите на нашата земја.“

Мартин и Стефан од „Некст тајм“ / Фото: EPA/SERGEI ILNITSKY

Во 2017 година Јана Бурческа со „Dance Alone“ беше една од најкоментираните учеснички на Евровизија, а нејзиното запросување во живо остана еден од највиралните моменти во историјата на фестивалот.

„Одговорот е очигледен — мојот најдраг спомен е оној кој, според Би-би-си, го украде шоуто. Се разбира, мислам на запросувањето“, вели Јана.

Но, таа најемотивно зборува за атмосферата зад сцената.

„Во тимот владееше беспрекорна хемија и се сеќавам на низа микро моменти кои ја обликуваа сликата и на кои со радост се навраќам. Мислам на навистина мали нешта како распевање по хотелските соби со придружните вокали, средбите со евровизиските фанови кои се жив доказ дека безусловната љубов постои или кафе муабетите со моите колеги учесници“.

Јана Бурческа во 2017 година / Фото: Фото: EPA/TATYANA ZENKOVICH

Јана вели дека Евровизија засекогаш ѝ го променила животот.

„Евровизија е искуството кое засекогаш ми го промени животот и тоа со мали спознанија за себе и процесите. Евровизиската заедница е место кое безрезервно дава чувство на припадност и поддршка. Музиката и песните се само ‘бакшиш’.“

Речиси сите македонски претставници со кои разговаравме имаат една заедничка мисла — дека повторно би настапиле на Евровизија, но само со вистинската песна и вистинскиот тим.

Сите досегашни македонски претставници на Евровизија: „Proud“ нѐ направи горди, а цела Европа танцуваше на „Нинанајна“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот