Белгиската Влада размислува за санкции кон Израел

Белгиската влада / Фото: Архива

Белгиската Влада отвори внатрешна дебата за можноста за санкции кон Израел поради војната во окупираните палестински територии и насилните протерувања на Палестинците, но се уште нема договор помеѓу сите владејачки партии, јави дописничката на МИА од Брисел.

Главна пречка за сега, според извори на весникот Ле Соар, се Либералите кои се во владината федерална коалиција.

Денеска е одржан ограничен министерски совет со министерката за надворешни работи, Софи Вилмес, на оваа тема.

Федералната коалиција од своето стапување на власт предвидува санкции во случај на нарушување на човековите права во светот, како што е наведено во програмата.

Ова беше барањето на илјадниците граѓани кои во саботата излегоа да протестираат за правата на палестинскиот народ. Организаторите изјавија дека очекуваат од белгиската Влада да ја примени својата политичка програма за која е избрана и да воведе санкции против Израел поради насилните протерувања на Палестинците од нивните домови, што е спротивно на меѓународното хуманитарно право.

Европската Унија, без Унгарија, вчера исто така повика Израел да користи пропорционална сила кога се „брани” од нападите на Хамас.

Мнозинството владини партии во белгиската федерална Влада изразиле желба да се покажат поактивни кон израелско-палестинското прашање, посебно Зелените и Социјалистите.

Вицепремиерот, Пјер Ив Дермањ, од редовите на Социјалистите, оцени дека треба Белгија да се обиде да воведе санкции на ниво на ЕУ, доколку тоа не успее тогаш да собере околу себе неколку ЕУ земји со кои ќе се побара јасно од Израел да го почитува меѓународното право и да оди кон деескалација.

Една од опциите на маса е јасно етикетирање на производите кои доаѓаат од колонизираните палестински територии за потрошувачите да бидат информирани од каде точно произлегува продуктот, наместо како што е за сега правило, да стои само Израел. Според предлогот овие прозиводи исто така би биле предмет на прилагоден данок.

Според информациите што произлегоа од министерскиот совет попладнево медиумите дознаваат дека Белгија се заложила да го поддржи политички и финансиски објавувањето на компаниите кои тргуваат и прават бизнис во окупираните палестински области, список кој го водат Обединетите Нации. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот