Бекам убеден дека Меси и Роналдо ќе играат заедно во неговиот клуб
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и на Реал Мадрид, Дејвид Бекам, повторно истакна дека има високи амбиции со својот клуб Интер Мајами кој се натпреварува во МЛС лигата во САД.
Неговите амбиции се толку големи што Бекам не го исклучува ангажманот на двете најголеми фудбалски ѕвезди на светот, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.
– Кога го најавувавме Мајами, знаевме дека ќе има приказни за тоа кои играчи ќе ги носиме, дека ќе се споменуваат имиња на Роналдо, Меси, Нејмар… Секогаш имало вакви приказни, но јас сметам дека на таквите фудбалери не би им било тешко да се одлучат на ваков чекор и да се преселат во МЛС лигата. Да бидам искрен, тука се е фантастично -изјави Бекам за ЕСПН.
Тој потоа појасни и зашто мисли така.
– Прво и очигледно, ова е фантастичен град. Чувствувам дека имаме голема база на таленти, но свесен сум и дека постојат таленти и во Јужна Флорида. Мајами е град кој ги привлекува фудбалерите кои играле во Европа и кои се големи ѕвезди – додава Бекам.
Во Интер Мајами веќе има голема фудбалска ѕвезда, како Гонзало Игуаин, а тука е францускиот репрезентативец Блез Матуиди како и Рајан Шоукрос, додека тренер е поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Фил Невил.