Башибозук со градењето и во палатата од 14 милиони евра
Ништо не е регулирано во палатата „Лазар Поп Трајков“ на улицата Македонија во Скопје, во која е сместена Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и уште три други институции.
Државниот завод за ревизија изготви извештај за изградбата на зградата, поточно за огромните трошоци, нерегулираните технички и правни процедури, неискористеноста на просторот и слично. За објектот не е извршен технички прием и не е запишан во Катастарот на недвижности.
Во подземните две нивоа во палатата се вградени хидраулични платформи за паркирање автомобили во вредност од 558.000 евра, за кои нема можност да се стават во употреба, затоа што до објектот не е изграден пристапен пат, констатирале ревизорите во извештајот за 2017 година. Не се користат деловните простории на приземјето и на првите два ката, а на следните четири се сместени Регулаторната комисија, М-НАВ, Агенцијата за супервизија на осигурување и Комисијата за хартии од вредност. На првите два ката не се сместени содржини на Централниот регистар и на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, иако во проектот за изведена состојба од јули 2016 е наведено дека објектот е целосно во функција и се сместени сите предвидени институции – констатираат ревизорите.
Фасада од 3,6 милиони евра
Ревизорите истакнуваат дека за фасадата се потрошени 3.662.293 евра, што е 25,8 отсто од сите потрошени пари за зградата. Ревизорите утврдиле разлика од 404 евра во цената по метар квадратен во основниот проект и крајната цена. Проектантската цена за зградата со вкупно 4.374 квадрати изнесувала 12.391.700 евра, според што квадратот требало да чини 2.832 евра, но крајната цена по анекс-договорите за дополнителни, непредвидени и вишоци на работи достигнала 14.162.601 евра, односно 3.237 евра по квадрат.
Ревизорите утврдиле дека е набавена аудио и видеоопрема во вкупна вредност од 410.000 евра заедно со градежно-занатски работи за инсталација, за која не е извршено примопредавање. Исто така на инвеститорот не му е предаден проектот за употреба и за одржување на вградената опрема, која не се користи и не е во функција, а гарантните рокови течат.
Оваа зграда почна да ја гради Службата за општи и заеднички работи на Владата во декември 2012 година за шест институции, а од почетокот на 2013 година поради проблеми помеѓу СОЗР и институциите-инвеститори, изградбата до целосно завршување ја презеле самите институции, за што потпишале протокол за уредување на постапката и меѓусебните односи.
„Ваквиот начин на изградба ја доведува во прашање комплетноста и навременоста. Иако работите одамна се завршени, во април 2017 година, за објектот сè уште не е направен технички преглед од надлежна комисија, не е издадено одобрение за употреба и не е извршено примопредавање со записник, поради што објектот не е запишан во јавната книга на недвижности“, велат ревизорите.
Колку квадрати има?
Згора на сè, ревизорите во четири документи пронашле четири различни податоци за бруто и нето површината на палатата. Во основниот проект вкупната бруто-површина е 6.834 квадрати и се состои од нето-корисна површина од 4.374 квадрати и заеднички простории од 2.460 квадрати. Во документот „Анализа на квадратури и проценти за објектот“ од фирмата за проектантски надзор е утврдена вкупна бруто-површина од 6.612 квадрати, односно 4.451 квадрат нето површина и заеднички простории од 2.160 квадрати. Врз основа овој документ се утврдени процентите што институциите ги плаќале за изградбата на објектот. Во проектот за изведена состојба се внесени податоци за развиена површина од 6.846 квадрати и вкупно бруто-површина од 8.546 квадрати. Врз основа, пак, на овие бројки, институциите ги плаќале полисите за осигурување. Во скиците и податоците за геодетскиот елаборат за премер на внатрешна површина на објектот, вкупната површина со заеднички простории изнесува 7.105 квадрати, од кои корисна нето-површина е 4.400 квадрати, а заедничките простории зафаќаат 2.705.
Исто така, ревизорите забележуваат дека институциите воопшто не се грижат за одржување и заштита на зградата. Тие во јули 2018 година потпишале договор за заемни односи, со цел заедничко одржување, обезбедување и заштита од пожар, како и тековно и инвестициско одржување, врз основа на кој било потребно да се формира координативно тело со претставник од секоја институција, но договорот не е реализиран. Поради ова до денот на ревизијата не се регулирани начинот, постапката и обврската помеѓу сопствениците за покривање на трошоците за одржување и не се преземени мерки и активности за обезбедување и заштита на имотот.
Ни кај Регулаторната комисија ништо не е регулирано
РКЕ е неусогласена за законите и повторно доби неповолно мислење од Државниот завод за ревизија за својата усогласеност со законите и прописите за 2017 година, што е второ вакво негативно мислење. Претходно во 2012 година РКЕ исто така доби неповолно мислење за усогласеноста со законите, а во јануари 2015 година ревизорите утврдија дека РКЕ делумно ги спроведува добиените препораки во однос на извештајот од 2012 година.
ДРЗ извршила ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеноста, но не изразила мислење за нивната реалност и објективност затоа што „не биле во можност да добијат соодветни ревизорски докази“. Ревизорите, меѓу другото, констатирале дека не е воспоставено финансиско управување и контрола во РКЕ и овие постапки не се спроведуваат согласно со стандардите за внатрешна контрола во јавниот сектор. Претседателот и членовите својата плата си ја уредиле со колективниот договор, што е спротивно на законите, затоа што тие се избрани функционери, чија плата ја одредува Собранието.
Одговорен во РКЕ за периодот на ревизијата е Димитар Петров, кој бил претседател до јуни 2018 година, а сега на чело на комисијата е Марко Бислимоски.