Фото: mkd.basketball

У17: Македонските кошаркарки убедливи против Молдавија на турнирот во Букурешт

Женската селекција на Македонија за кошаркарки „Под 17“ години имаше успешен старт на „Rising Stars“ (ѕвезди во подем) турнирот во Букурешт. Во првиот меч на собирот во главниот град на Романија, Македонија убедливо ја совлада соодветната селекција на Молдавија со убедлив резултат 95:27.

Нашите млади кошаркарки доминираа од првата до последната минута на првиот меч. Ја најавија убедливата победа уште во првите 10 минути од играта, оние во кои Македонија се стекна со високо водство (24:5).

А веќе до полувремето предноста на нашата селекција беше уште повисока (46:18). Во ист ритам продолжи избраниот тим на селекторот Виктор Петровски и по паузата.

Практично, македонските кошаркарки ја повторија првата четвртина во третиот период, кој го решија во своја корист со 29:5, за потврда на првиот триумф на турнирот.

Пет кошаркарки на Македонија го завршија премиерниот дуел со двоцифрен број на поени. По 17 реализираа Колева, Груевска и Карајованова, 12 даде Пислевска, а 10 Трајковска. Утре, од 16.00 часот, по локално време, Македонија ќе игра против репрезентацијата на Грција.

У17: Пораз на македонските кошаркари на стартот во Букурешт

И македонската машка селекција „Под 17“ години го одигра својот прв меч на турнирот во Букурешт. Во доста изедначен дуел против домаќинот Романија, во кој двете селекции се менуваа во водството, пресудна беше серијата од 10:0 која романските играчи ја направија во средишниот дел од последната четвртина, доволна за нивни триумф од 81:68.

Во нашата селекција, Ѓиноски реализираше 14 поени, имаше и шест асистенции и пет скокови. Сотир заврши со 10 поени, имаше и три скокови и две асистенции, Коневски запиша 10 поени, четири скокови и две асистенции, додека Рајковски забележа девет поени. Утре, од 13.30.часот, по локално време, Македонија ќе игра против Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот