ГАЛЕРИЈА | Барате бегство од градот? Тука ќе ја пробате најдобрата рибја чорба и највкусната пченкарна пита по рецепт стар над сто години

Колаж: СП.
Ако ја барате среќата, таа живее тука, во спокојството на селото Калишта, меѓу лотосите, трските, чистата вода, рибите, лебедите, карпите, песокот, во единствениот поглед на езерската широчина и во вашите очи.
Фото: Камп „Рино“ – ФБ

Сместено на северозападното крајбрежје на Охридското Езеро, на оддалеченост од само четири километри од Струга, се наоѓа селото Калишта, за мештаните – Калишча, карактеристично по недопрените природни убавини и чистата езерска вода. Една поговорка вели „оној што ќе види и помириса лотос секогаш ќе има среќа“. Па, ако ја барате среќата, таа живее тука, во лотосовите розови или жолти цветови, на три-четири чекори штом ќе ги наквасите нозете во плитката езерска вода, некаде помеѓу трските и со поглед кон лебедите кои секогаш пловат во семејна група – предводник е таткото, големиот лебед, следуваат помалите лебеди, мајката секогаш е при крајот, а зад неа уште по некое лебетче.

Фото: Фејсбук / Ресторан Галија

Две приказни кружат за потеклото на името на селото Калишта. Првата е за убавата кралица Калина, која доаѓала тука, маѓепсана од убавините на местото и околината, а според легендата таа имала и своја куќа во селцето, односно кула, во непосредна близина на средновековниот манастир. Втората приказна е поврзана со брегот на езерото, кој тука е песоклив, а крајбрежјето, поради езерската плима, лесно се претворало во кал.

Фото: „Лејксајд“ / ФБ

До пред десетина години, пред камповите и рестораните да се популаризираат во ова селце, првиот поглед на Калишта асоцираше на среќни деца, облечени само во каќички за капење, испружени на жешкиот асфалт, со телото впивајќи го сонцето. На прв допир пак на ноздрвите со воздухот, ќе вдишите миризба на штотуку уловена риба. Ако сте со автомобил, малку подзастанете, дајте им предност на растрчаните кокошки. Ако сте пеш, не плашете се од добрите селски кучиња, дури и ако оттука минувате ноќе.

Фото: „Лејксајд“ / ФБ

Уште пред самиот влез на селото, ако доаѓате од Струга, ќе ве пресретнат неколку помали, ама добро опремени кампови со сопствени плажи, наредени еден до друг, долж самото песочно крајбрежје, кои освен „ноќевања“ на вашиот автомобил, комбе или приколка, нудат и соби за сместување, сите со поглед на езерото.

Фото: „Лејксајд“ / ФБ

Всушност, езерото ви е на дофат, ако ги истегнете рацете од балконот, речиси и ќе ја погалите водата. Во некои од камповите можат да се изнајмат кајчиња, јахти и велосипеди, за целосно уживање во сончевите денови.

Ресторан Галија / Фото: Фејсбук

Ако сте за преспивање има и неколку мотели и хотели („Езерски бран“, „Галија“, „Принц“, „Разме“…), а има и приватни соби за издавање. Во „шпиц“ сезоната, особено во август, резервирајте си навреме местенце зашто често селцето е пребукирано од туристи, но и од домашните повратници од печалба во странство.

„Езерски бран“ / Фото: ФБ

Популарниот камп „Лејксајд“, на пример, од летово, (освен во Калишта) се прошири и на неколку километри подалеку од селото, односно пред селото Радожда. Новото место за кампување погодно за шатор, трајлер или комбе, има сопствена плажа, интернет, струја, тоалети, туш кабини, а цената за ноќевање е 600 денари.

Фото: Камп „Лејксајд“ – ФБ

За уживанција во домашна храна, на вистинско место сте. Што задолжително да дегустирате? Во ресторанот „Рино“, во составот на кампот „Рино“, освен – се разбира сите видови на риба – пробајте од домашната пита од пченица подготвена по традиционален рецепт стар стотина години, од ролатчињата полнети со спанаќ или сирење, од традиционалната пица, пласкавица полнета со кашкавал..

Пита од пченица / Фото: Ресторан Рино – ФБ

На неколку чекори подолу, во ресторанот „Галија“ задолжително почнете со рибја чорба, веројатно најдобрата на целото охридско-струшко крајбрежје.

Рибја чорба во ресторан „Галија“ / Фото: ФБ

Продолжете со – што ви душа сака – од одлично подготвена риба, прашајте за тресена пастрмка, за јагула во тавче, за домашна пита со сирење, и нарачајте од макалото со лук кое „оди“ со сите јадења.

„Тресена пастрмка“ во Ресторан Галија / Фото: ФБ
Фото: Ресторан „Галија“ / ФБ

Со излезот од селцето не завршува вашето возбудливо патешествие. Зад аголот, веќе сте сталасе до хотелот „Бисер“, препознатлив по хармоничниот спој на карпа и дрво, изграден во стилот на охридско-струшката архитектура. Качете се на ресторанската тераса, со фантастичен поглед на езерската широчина, и почестете се со палачинки, а потоа продолжете понатаму – на само сто метри од хотелот се наоѓа калишкиот манастир и прочуената црква „Света Богородица“.

Фото: Хотел „Бисер“

Манастирскиот комплекс го сочининуваат две цркви и уште две пештерски цркви, а чудата кои оттука доаѓаат се надалеку познати. Тука се чува една од највредните икони, единствена на Балканот, чудотворната икона „Богородица во црно“ (ретко сликање на богородица со црна боја). Според верувањата, иконата има исцелителски моќи, ги лекува болните, но има и моќ да ги дарува со деца бездедните. Побарајте да влезете во малата пештерска црквичка изградена во самите карпи каде ќе ги видите монашките ќелии полни со историја и духовност, во кои некогаш престојувале и браќата Миладиновци.

Света Богородица е пештерна црква која се наоѓа во Калишкиот манастир во струшкото село Калишта и потекнува од 14ти век.  Црквата се наоѓа во карпа и во неа се наоѓаат три монашки ќелии – две на првиот кат и една на вториот кат / Фото: Википедија

Не ја заобиколувајте продавничката во манастирскиот комплекс, купете си од домашните превкусни слатка и џемови, од манастирската ракиичка и винце, или одберете некоја од ретките книги како мелем за душичката.

Во „шпиц“ сезоната, особено во август, резервирајте си навреме местенце зашто често селцето е пребукирано од туристи, но и од домашните повратници од печалба во странство.
Видео на денот