Барањето на „Усје“ за продолжување на еколошката дозвола е на увид на јавноста, може да се реагира 30 дена
Откако ќе истече рокот за забелешки, Министерството треба да закаже јавна расправа во рок од 10 дена, што се очекува да се случи по 26 јуни, односно во периодот кога започнуваат летните одмори и кога учеството на јавноста е намалено.
Цементарница „Усје“ при крајот на минатиот месец, поточно на 22 мај ги доставила комплетните документи потребни за поднесување барање за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола до Министерството за животна средина и просторно планирање. Сега, следува најважната фаза од постапката, во која ќе се одлучува под кои услови ќе работи Цементарницата во наредните седум години, односно дозволените емисии на загадувачки материи, типот на горива и супстанции што може да се користат, како и обврските за мониторинг, мерење и јавно објавување на податоци.
Препорачано
Според граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, која во изминатите месеци организираше повеќе протести, „Титан Усје“ е еден од најголемите загадувачи во државата, а досегашниот процес за поднесување барање за дозвола покажал, како што велат, дека на оваа компанија ѝ е оставен и голем простор и долго време за подготовка на потребната документација, наспроти тоа колку малку време му се остава на јавниот интерес.
Во своето соопштение до медиумите од „Стоп за Усје“ ја наведуваат хронологијата од денот кога е поднесено првичното барање до комплетирањето на документацијата. Како што велат, првичното барање за А-интегрирана дозвола било поднесено на 11 март, потоа Министерството 30 дена го разгледувало барањето, па цЦементарницата 41 ден ги доставувала потребните документи и дури на 22 мај било објавено дека барањето е комплетирано.
Со други зборови, на „Титан Усје“ му беа овозможени повеќе од два месеци за корекции, дополнувања и усогласување на документацијата. Од друга страна, граѓаните, стручната јавност и сите засегнати страни имаат само 30 дена да ја анализираат обемната документација, да ги идентификуваат потенцијалните ризици и да подготват аргументирани забелешки за условите што ќе важат во наредните седум години – посочуваат од граѓанската иницијатива.
Дополнителен проблем, како што велат, претставува начинот на кој Министерството го објавило барањето за јавен увид на 26.05.2026 година, кое е недоволно видливо за јавноста, па наместо на „ударно“ место, документацијата е сместена во посебна папка „Усје“, без соодветно известување и без јасна видливост на почетната страница на веб-страницата на Министерството.
Во следните 30 дена јавноста има право и обврска да достави забелешки кои се однесуваат на построги еколошки услови за работа, на реален, независен и доверлив мониторинг, целосна транспарентност и јавно објавување на податоците, како и на заштита на здравјето на граѓаните и животната средина.
Откако ќе истече рокот за забелешки, Министерството треба да закаже јавна расправа во рок од 10 дена, што се очекува да се случи по 26 јуни, односно во периодот кога започнуваат летните одмори и кога учеството на јавноста е намалено.
Сметаме дека јавната расправа не смее да биде формалност што ќе помине незабележано. Таа е единствениот простор каде граѓаните директно можат да ги соочат институциите и „Титан Усје“ со своите аргументи и барања. А-интегрираната дозвола ги определува дозволените емисии на загадувачки материи, видовите горива и материјали што можат да се користат во производниот процес, како и обврските за мониторинг и известување кон јавноста. Одлуките што ќе се донесат во оваа постапка ќе имаат директно влијание врз квалитетот на воздухот, здравјето на граѓаните и животната средина во следните седум години – велат од „Стоп за Усје“
Оттаму ги повикуваат граѓаните кои поседуваат експертиза, податоци, анализи или сакаат да придонесат во подготовката на забелешките и аргументите поврзани со А-интегрираната дозвола на „Усје“ да им се обратат за заеднички и здружено да обезбедат процесот да биде навистина транспарентен и во интерес на јавното здравје.


