Банки: Поповолни кредити ќе има само за дел од фирмите и граѓаните

СП. архива

Банките соопштуват дека тие ќе одлучат дали некое барање ќе го прифатат, или ќе го одбијат, но не ги прецизираат критериумите по кои тоа ќе се прави.

Ќе има нови услови за земените кредити само за оние фирми и граѓани каде што е тоа потребно, информираат од Македонската банкарска асоцијација (МБА).

„Членките на Македонската банкарска асоцијација активно се подготвуваат да постапат согласно Уредбата (на Владата н.н) при што би сакале да истакнеме дека Уредбата претставува олеснување за клиентите корисници на кредитен производ за изменување на условите секаде каде што ќе се утврди дека тоа е потребно“, соопштија од МБА.

Оттаму велат дека во согласност со Уредбата, банките и штедилниците ќе подготват и понудат можности на клиентите за променети договорни услови со цел ублажување на негативните економски ефекти на пандемијата со ковид -19 која директно се одрази на дел од компаниите и физичките лица и нивната способност за редовно сервисирање на долговите.

Банките соопштуват дека тие ќе одлучат дали некое барање ќе го прифатат, или ќе го одбијат, но не ги прецизираат критериумите по кои тоа ќе се прави.

„Со Уредбата е пропишано банките и штедилниците да ги применат достапните мерки алтернативно или кумулативно, односно на своите интернет страници, или преку писмена или електронска комуникација, да ги известат клиентите за понуда која ќе вклучува промена на условите за сервисирањето на кредитната изложеност и , односно или, да одлучуваат по секое поединечно барање доставено од должниците за промена на условите за сервисирањето на кредитната изложеност поднесено (писмено или електронски) и преку електронска комуникација да достават понуди до поединечните должници или ги известат за одбивање на барањето“, соопштија од МБА.

Во однос на тоа што се поповолни услови, според заедничкото соопштение на Народната банка и на Министерството за финансии, тоа може да биде одложување на плаќањето рати (грејс период), пролонгирање на кредитотот на подолг период, како и негово заменување со поповолен со пониски камати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот