Банда лажни полицајци ограбувала старци во Италија – меѓу уапсените и 96-годишна „шефица“
Како што соопшти полицијата, бандата со криминалните активности остварила добивка од 2,5 милиони евра.
Миланската полиција разби банда која се занимавала со кражби и изнуда и уапси 21 лице, а меѓу уапсените е и 96-годишна старица која била на чело на криминалната група, пренесува „Милано тудеј“.
Препорачано
Оваа група била откриена по истрага започната во 2023 година, по серија грабежи, киднапирања и измами.
Како што соопшти полицијата, бандата со криминалните активности остварила добивка од 2,5 милиони евра.
Начинот на дејствување на групата најчесто бил ист, а припадниците на бандата се претставувале како лажни полицајци.
На тој начин им пристапувале главно на постари лица додека влегувале во своите домови и се претставувале со лажни легитимации, по што влегувале и за кратко време краделе што е можно повеќе вредности.
Најчесто краделе накит, кој потоа го префрлале во странство со кампер, а потоа, со соучесништво на златар, го рециклирале.
Во текот на истрагата била остварена меѓународна соработка меѓу службите, а бандата, покрај во Италија, дејствувала и во Швајцарија и Белгија.
За време на претресите во Швајцарија биле запленети 43.000 евра во готовина, бројни луксузни часовници, златни полуги, накит и чанти.
Во текот на истрагата биле одземени уште 15.000 евра во кеш, како и луксузна стока во вредност од 500.000 евра.
Меѓу уапсените е и 96-годишната старица за која истражителите навеле дека била на чело на логистичката база на криминалната група.
Вкупната вредност на украдената стока изнесува околу 2,5 милиони евра, соопшти полицијата, пренесува Танјуг.


