Бајиќ: Македонија со нов натурализиран Американец ќе биде 30 отсто посилна, ако јас сум главниот проблем тогаш тоа веднаш ќе го решиме

Драган Бајиќ/фото: fiba.basketball

Кошаркарската репрезентација на Македонија со шест порази во шест натпревари ги заврши настапите во квалификациите за пласман на СП 2023 што ќе се игра во Јапонија, Индонезија и Филипини.

Последниот пораз е доживеан во СЦ „Борис Трајковски“ од Украина (68:73), а селекторот Драган Бајиќ смета дека репрезентацијата би била посилна за 30 отсто со натурализиран американски плејмејкер.

– Горд сум на овие момци што ги тренирав, а очигледен проблем е што овие кошаркари имаат поголема минутажа во репрезентацијата отколку во своите клубови. Тоа не е добро за репрезентацијата. Кога дојдов не бев запознаен со ситуацијата во македонската репрезентација, како што реков сериозен проблем е кога играчите повеќе ви играат во репрезентацијата отколку во нивните екипи. Можеби и порано требало да се тргне во некој процес на подмладување. Ние и минатото лето направивме огромна работа кога без осум-девет играчи покажавме карактер и квалитет и се пласиравме во овие главни квалификации. Ни недостига американски плејмејкер, со кој би биле 30 отсто посилни. Ова е долгорочен процес, кој ќе биде болен, бидејќи и самата криза е долгорочна. Предолго просекот на репрезентацијата беше над 30 години, според мене некогаш мора да дојде до подмладување дури и ако тоа значи жртвување на резултатот. Ситуацијата е таква, при секој нов собир треба да вадиме по некој друг млад играч – рече селекторот Бајиќ.

Со завршувањето на квалификациите во кои беа забележани шест порази од Шпанија, Грузија и Украина, Бајиќ најави дека ќе седне на разговори со челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) по што ќе биде познато дали ќе остане на селекторското столче.

– Договорот што го имам како селектор беше врзан со резултатите на овие квалификации. Треба да седнам на маса со челниците на Федерацијата, за кои можам да кажам само најдобри работи. Толку пријатно се чувствувам овде кога и да дојдам, имав и сериозни здравствени проблеми и операција на грбот. Јас го ризикувам здравјето, сакам да останам селектор бидејќи не можам да им кажам дека повеќе нема да бидам селектор. Последниот збор сепак ќе го имаат челниците на федерацијата. Ако некој мисли дека јас сум главниот проблем, дека кошарката ќе процвета, тоа веднаш ќе го решиме – вели Бајиќ.

Кошаркарите најблиску до победа во квалификациите беа токму денеска.

– Честитки на Украинците за победата. Не победивме, но се надевам дека луѓето кои дојдоа се задоволни од покажаниот карактер. Што се однесува до самиот меч, јасно е дека се реши во првата четвртина во која Украина одигра беспрекорно на шутерски план. Ние не бевме доволно фокусирани во одбраната за да ги запреме. Бевме хендикепирани на центарските позиции, поради што требаше да импровизираме во борбата под обрачите. На полувремето им сугерирав на играчите дека мора да изгинеме на терен, да покажеме карактер, бидејќи мечот не е завршен. Видовте, успеавме да се вратиме, но во одредени моменти можеви имавме пад на концентрација и тоа придонесе вечерва да не триумфираме. Останува тагата што на ниту еден меч од овие квалификации не бевме комплетни, па не можевме да ја почувствуваме вистинската сила на оваа репрезентација – додаде Бајиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот