Атлетико ја затвори вратата за Барселона, Хулиан Алварез останува во Мадрид
Извршниот директор на Атлетико Мадрид, Мигел Анхел Хил Марин, ги урна надежите на Барселона за ангажман на Хулијан Алварез, јасно порачувајќи дека аргентинскиот напаѓач не е на продажба по ниту една цена.
Препорачано
Каталонскиот гигант со месеци работи на трансферот на Алварез, кого го гледа како долгорочен наследник на Роберт Левандовски.
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, го идентификувал 26-годишниот напаѓач како своја најголема желба за засилување во нападот. Сепак, раководството на Атлетико сега јасно стави до знаење дека нема намера да го продаде.
Хил Марин откри дека Атлетико веќе го известил Алварез, неговиот агент, како и претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, дека напаѓачот ова лето нема да го напушти стадионот „Ријад Ер Метрополитано“.
„Воопшто не се сомневам дека Атлетико е најдоброто место во светот за Хулијан, а Хулијан е идеалниот напаѓач за Атлетико Мадрид. Сакаме и понатаму да сметаме на него“, изјави Хил Марин.
Coming soon. pic.twitter.com/H57RZc60V2
— Atlético de Madrid (@atletienglish) July 17, 2026
Потоа испрати уште посилна порака како одговор на шпекулациите за понудите на Барселона, откако Лапорта јавно се обидел да изврши притисок врз Атлетико да го продаде фудбалерот.
„Не сакаме да го продадеме. Не прифативме понуда од 100 милиони евра, а нема да прифатиме ниту понуда од 150 милиони, ниту од 200 милиони евра“, категоричен беше Хил Марин.
Тој додаде дека лично го замолил Лапорта да престане со јавните обиди за доведување на аргентинскиот репрезентативец.
Според него, претседателот на Барселона веќе знае дека Алварез следната сезона нема да игра на „Камп Ноу“.
Извршниот директор на Атлетико смета дека Алварез добил лоши совети, откако напаѓачот прво приватно, а потоа и јавно, ја изразил својата желба да се пресели во Барселона.
И покрај тоа, Хил Марин верува дека поранешниот напаѓач на Манчестер Сити ќе успее повторно да ја изгради врската со навивачите преку својата посветеност и настапите на теренот.
Минатата сезона Алварез постигна 10 голови и четири асистенции на 15 натпревари во Лигата на шампионите, додека во 29 натпревари во Ла Лига запиша осум голови и четири асистенции.
Иако Барселона го гледа како идеален наследник на Левандовски, пораката од Атлетико е повеќе од јасна.
Освен ако не дојде до драматичен пресврт, Барселона ќе мора да се насочи кон други трансфер цели.
Атлетико нема намера да продава, а разликата во проценката на вредноста на аргентинскиот репрезентативец меѓу двата клуба е огромна.
Се верува дека желбата на Алварез е да се пресели во Барселона, но и Арсенал внимателно ја следи ситуацијата.
Според информациите, голем сон на Алварез е да потпише за Барселона, а неговото семејство сака да продолжи да живее во Шпанија. Токму тоа претставува една од најголемите пречки за Арсенал и ПСЖ, кои исто така покажуваат сериозен интерес за аргентинскиот напаѓач.
Сепак, неофицијално се тврди дека Атлетико би бил поподготвен да го продаде Алварез на Арсенал или ПСЖ, доколку самиот фудбалер побара да го напушти „Метрополитано“, наместо да го засили директниот ривал Барселона.
Претседателот на Аргентина поради суеверие нема да го гледа финалето во живо


