Атинскиот аеродром работи со технологија „од времето на Дедо Ное“: Шефот на цивилното воздухопловство поднесе оставка
Грчкото Министерство за транспорт соопшти во средата дека шефот на цивилното воздухопловство поднел оставка „поради срамниот прекин на воздушниот сообраќај“ на 4 јануари, кој со часови предизвикуваше хаос и одложувања на летовите, објави весникот „Неос космос“.
Препорачано
„Гувернерот на Управата за цивилно воздухопловство (УЦВ), Јоргос Саунатсос, ја поднесе својата оставка до министерот за инфраструктура и транспорт, Христос Димас,“ соопшти Министерството во писмена изјава.
Овој потег следуваше само неколку часа откако официјален извештај за инцидентот ја обвини „застарената технологија“ на Меѓународниот аеродром во Атина, една од најпопуларните туристички дестинации во светот.
„Постојниот систем за гласовна комуникација… како и клучната телекомуникациска инфраструктура… се потпираат на застарена технологија,“ се наведува во извештајот на истражната комисија, во која учествувал и претставник на Европската организација за безбедност на воздушната навигација.
Според Управата за цивилно воздухопловство дефектот започнал во 8:59 часот наутро на 4 јануари, кога повеќе радио-фреквенции, што го опслужуваат атинскиот воздушен простор, биле погодени од континуирано „шумско“ мешање.
Предавателите на агенцијата почнале да испраќаат „неволни сигнални емисии“, соопшти агенцијата.
Чуден проблем Во Грција: Ниту еден авион не може да слета и да полета
Стотици летови морале да бидат пренасочени кон соседни земји, а илјадници патници биле погодени. Од УЦВ тогаш изјавија дека проблемот бил „без преседан“.
Извештајот, објавен доцна во вторникот, го класифицира инцидентот како „низок ризик“.
Но, потпретседателката на здружението на грчките контролори на летање, Олга Токи, во средата го оцени инцидентот како „многу загрижувачки“, нагласувајќи дека „нема време за губење“ кога станува збор за модернизација на неопходните системи.
— Замислете да ги гледате авионите како се движат на екранот, а да не можете да зборувате, да интервенирате и да ги издадете потребните наредби — изјави таа.
Проблемот се случил непосредно пред Богојавление, еден од најголемите верски празници во Грција.
Официјалните лица инсистираат дека атинскиот воздушен простор бргу бил расчистен од сообраќај и дека безбедноста на летовите не била загрозена.
Системот целосно бил вратен во функција во 17:00 часот, а летовите биле обновени 45 минути подоцна.
Не биле откриени индиции за сајбер напад или намерна саботажа, додава агенцијата.
„Системите се стари, следува ремонт од 300 милиони евра“
Во истражниот извештај се наведува дека системот бил обновен „по повторна синхронизација и рестартирање, кои биле спроведени откако сообраќајот бил пренасочен преку главната мрежа“.
Комисијата ја истакнува потребата од „забрзување“ на транзицијата кон ВоИП (глас преку интернет) технологија и нови системи за гласовна и радио-комуникација, како и инсталирање на речиси 500 нови предаватели.
Според Управата за цивилно воздухопловство, веќе е во тек инфраструктурен ремонт вреден 300 милиони евра (350 милиони долари), кој вклучува и дигитални предаватели што треба да бидат испорачани оваа година.
Но, Токи за државната телевизија ЕПТ изјави дека интеграцијата на новите системи ќе бара „најмалку три години“.
Контролорите на летање потсетуваат дека радарот во контролната кула на аеродромот во Атина датира од 1999 година.
„Овие системи требало да бидат надградени пред децении“
Заменик-министерот за транспорт на Грција минатата недела призна дека комуникациските системи на аеродромот требало да бидат надградени „пред децении“.
— Ова се системи за кои знаеме дека се застарени — изјави Константинос Киранакис.
Минатиот месец Европската комисија ја упати Грција до Судот на правдата на ЕУ поради тоа што не вовела мерки за изработка и објавување процедури за навигација базирана на перформанси на грчките аеродроми, кои требало да бидат во функција уште пред пет години.
Меѓународниот аеродром во Атина минатата година опслужил речиси 34 милиони патници, што претставува раст од 6,7 проценти во однос на претходната година.
Чуден проблем Во Грција: Ниту еден авион не може да слета и да полета


