Атанасов: Нема отштета за угинати свињи од нерегистрирани фарми – Слободен печат
ВестиЕкономија

Атанасов: Нема отштета за угинати свињи од нерегистрирани фарми

Согласно законските и подзаконските нормативи, АХВ нема да врши исплата на отштета на одгледувачите чие одгледувалиште не е регистрирано во Агенцијата.

Селските домаќинства кои одгледуваат свињи за сопствена употреба, да ги заколат или да ги понудат за откуп на месната индустрија ако немаат воведено или ако биосигурносните мерки им се на многу ниско ниво, апелира и денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со цел спречување евентуална појава и ширење африканска свинска чума во земјава.

– Како одговорна институција, ги информираме одгледувачите на свињи дека во услови на сериозна епизоотиолошка состојба во соседството и постоењето реална опасност од пренесување и ширење на болеста, сега не е време за ваков начин на одгледување свињи. Согласно законските и подзаконските нормативи, АХВ нема да врши исплата на отштета на одгледувачите чие одгледувалиште не е регистрирано во Агенцијата, а чии свињи ќе угинат од оваа болест, вели за МИА директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов.

Отштета ќе добијат само регистрираните сточари кои ги имаат имплементирано биосигурносните мерки на фармите и чии евентуално заразени грла ќе бидат убиени и нештетно уништени од страна на надлежните органи.

-Воведувањето на биосигурносните мерки на свињарските фарми е законска обврска и одговорност на одгледувачите. Нивното невоведување, неодржување и непочитување може да предизвика појава и ширење на заразни болести кај животните. Африканската свинска чума не е опасна за луѓето, иако тие можат да бидат еден од преносителите на вирусот преку заразената облека или алати со кои работат. Болеста предизвикува огромни економски штети во свињарството, бидејќи смртноста кај домашните свињи се движи и до 100 проценти. За неа не постои ниту вакцина, ниту лек. Извор на вирусот на оваа опасна болест која ги погодува домашните и дивите свињи се заразените, болните или угинати животни, заразената храна и отпадоци од храна, опрема, возила, облека и мекиот крлеж како биолошки преносител на болеста, нагласува Атанасов.

Африканска свинска чума, освен во Бугарија, од завчера е потврдена и во Србија. Ја има и во уште дваесеттина други земји, а се шири и зема се поголеми размери.

Од вчера во земјава почна вонредниот отстрел на диви свињи, како една од превентивните мерки што подолго време интензивно се реализираат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close