Асоцијации на Саша Шотаровски: Оксиморон е денес нова единица мерка

Фото: Приватна архива

Саша Шотаровски, сопственик на бројни култни кафулиња во Скопје, а денес на „Бифе Тафталиџе“, тафталиџанец со „тапија“, ни зборува за Скопје пред „добрите да ги избркаат, лошите“.


А
– Ме асоцира на градската фаца Анжелика Апсис со најубава насмевка во Тафталиџе и пошироко.

Б – Бурбон, затоа што тоа беше пијачката на нашата младост.

В – Васко Ташковски, гениј, секогаш ме прави среќен.

Г – Горан Џаџо најголем фраер од мојата младост.

Д – Данило Коцевски, затоа што ни остави пишани спомени за Скопје.

Ѓ – Ѓорче Петров, зашто татко ми ја возел „лимејката“ до Ѓорче.

Е– Емилија Антиќ, да не беше, уште ќе учев средно.

Ж – Живот. Градскиот живот во Скопје во 80-тите.

З– Зоки Рембрант, најдобриот врамувач на слики.

Ѕ– Ѕид. Цел живот го рушам со глава.

И– И, како идеја. Сто почнати, една остварена годишно.

Ј – „Јована Јованке“ од култната група „Леб и сол“. Ех, и тоа е Тафталиџе.

К – Костантин Качев, еден од најголемите сликари, нашинци – амбасадори во Европа.

Л – Лето. Кога убавите скопјанки со своите „штикли“ го топат асфалтот.

М– Мајка, како сите вистински скопски фраери што најмногу си ја сакаат – мама.

Н– Наше маало Тафталиџе, привилегија е да се родиш тука. Уште си тераме маалски живот.

Њ – Њоки, ама уште не можам да разберам дали е компир или е тестенина.

О – Оксиморон – нова единица мерка.

П– Перица, татко ми, затоа што се миеше на чешма во двор со прашок „Билјана“ во 70-те.

Р–  „Рок Кафана Рустикана“- последната оаза на нормални луѓе во Скопје.

С – Свето Манев, мајсториште. И ќерка му Тања го заменува.

Т – Тања Балаќ, уметница, жена со големо Ж.

Ќ – Ќутек, да јадевме ќутек на време немаше да биде вака.

У– „Убавина“ од Блаже Конески. Песната инаку се вика „Починка“ ама се што е поврзано со Блаже е – убавина.

Ф– Како „Фокс“, најдобрата кафеана во чаршија во 80-те.

Х – Хипододром, добро е да се вратиме на најубавиот спорт – јавање, како што тоа го направи и ќерка ми.

Ц -Цвеќе, најголема пасија и радост. Едвај ја чекам пролетта!

Ч – Како чорапи. Како песната „Црвени штикли и црни чорапи“ од Венко Серафимов. Кој не добил „корпа“ на ова песна, немал убава младост.

Џ–  Џимиринки. Мезе за боговите.

Ш  – Шотаровска Билјана, столбот на нашата фамилија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот