Ашаданов: Кошаркарките треба да покажат желба и знаење против Данска, Грција и Хрватска
Пред женскиот сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија е вториот квалификациски ФИБА „прозорец“, преку кој ќе се обиде да обезбеди пласман во наредната натпреварувачка фаза од квалификациите за Евробаскетот во 2027 година. За само седум дена, нашите најдобри кошаркарки предводени од селекторот Александар Ашаданов ќе одиграат уште три средби од „Ф“ квалификациската група.
Препорачано
В среда (11 март), следува гостување во Копенхаген, и дуел со селекцијата на Данска. Три дена подоцна, следува уште еден натпревар на гостински терен. Оној на 14 март во Солун, против селекцијата на Грција, додека овој квалификациски „прозорец“ завршува на 17 март, и мечот со репрезентацијата на Хрватска, пред нашата публика, во салата „Градски парк“ во Скопје.
– Следува вториот дел од квалификацискиот циклус за Европското првенство. Повторно играме со трите исти репрезентации, само по обратен редослед. За разлика од претходниот циклус, ова е нешто ново за нас, или нешто што е сменето е нашиот состав, кој што е далеку подмладен за разлика од претходниот. Некои од возрасните кошаркарки се веќе откажани, и веќе нема да присуствуваат на натпреварите. Затоа имаме една млада репрезентација, која пред себе треба да покаже желба, треба да го покаже тоа што го знае, и да започне нешто што треба да се гради во наредните години – вели Ашаданов.

Со оглед на актуелниот момент, извесно е дека пред овој актуелен ростер, со неколку нови кошаркарки како Дора Алексова и Вања Милосављевиќ, и повратникот во тимот, Михаелла Алексовска, резултатски императиви не постојат.
– За очекувањата од натпреварите кои следуваат, пред сè, очекуваме да го дадеме својот максимум. Да покажеме борба, а се што ќе ни се пружи како шанса, сигурно дека ќе се обидеме да го земеме. Како спортски работник никогаш не можам дада кажам дека се откажувам од победите. Или да се откажувам од некое повисоко место на табелата. Амбициите ми се секогаш исти. Дека секогаш сакам да победувам, без разлика на тоа дали била Грција, дали била Хрватска. Но, ако ја видиме реалната ситуација, само треба да знаеме дека ние треба да им дадеме шанса. И затоа ако ни се пружи првата можност, сигурно ќе пробаме да ја искористиме. Но ова се деца, и јас потполно ги охрабрувам, а се надевам дека ќе ги охрабри и целата наша нација, затоа што тие треба да бидат иднината на женската кошарка во наредниот период – рече селекторот на нашата женска сениорска репрезентација.
Моментно на табелата по три кола Грција и Хрватска имаат по пет бодови, по четири Данска и Македонија. Првопласираните две репрезентации од секоја група, како и три најдобро третопласирани селекции ќе одат во следната фаза.


