Арнаутовиќ: Се повеќе жалам поради мојата реакција, нема оправдување за тоа што се случи
Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ денеска заработи суспензија од еден натпревар поради навредите кои на национална основа му ги упати на македонскиот репрезентативец Езџјан Алиоски во натпреварот од првото коло на Евро 2020.
ФФМ веднаш го пријави Арнаутовиќ во УЕФА, а дисциплинската комисија денеска експресно го казни австрискиот репрезентативец потврдувајќи дека на фудбалските терени нема место на разисам и навреди на национална основа. Арнаутовиќ и во текот на вчерашниот ден се извини за својата постапка, а денеска уште еднаш упати извинување за својата реакција.
„Со оглед на тоа дека сум татко на две ќерки и свесен сум за моето влијание, посебно кај децата, жалам сѐ повеќе поради мојата реакција. За жал, постоеше провокација на која реагирав бесно, но нема оправдување за тоа што се случи. По натпреварот ние зборувавме и се извинивме еден на друг. Ќе донирам и 25.000 евра во Австрија, но за жал нема да можам да играм утре против Холандија, сепак ќе го дадам мојот максимум во следниот меч со Украина“, напиша Арнаутовиќ.
Случајот Арнаутовиќ: Расизам на терените и политизација на Евро 2020