Муареми се повлече од функцијата директор на Управата за финансиска полиција

Арафат Муареми, директор на Управа за финансиска полиција / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми извести дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување.

„Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, се вели во соопштението до медиумите од Управата за финансиска полиција.

Од Управата, исто така, нагласуваат дека денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и оти злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви.

Како што информираа денеска од Јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, денеска поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство. Врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јовески, исто така, донел Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот