Антоновска: Митовите дека некој може да ве направи мизерни или среќни се ирационални

Гледајќи го личниот пример, сметам дека секој може да ги надмине ограничувањата, само ако прифати одговорност за сопствениот живот и тргне да го гради како свој, вели Елена Антоновска, регресотерапевт, за Слободен печат.

Жртвите на семејно насилство мора да излезат од сопствениот магичен круг за да се ослободат од таквиот загрозувачки однос, првиот чекор би бил интроспекција, поглед во себе и што е она што впрочем и ги довело во таа ситуација, смета нашата соговорничка, регресотерапевтот и професионален тренер Елена Антоновска.

Како може да се препознае нездрава емотивна врска?

Мислам дека нездрава врска е толку очигледна што секој може да ја препознае. Но, ако треба да направиме некоја систематизација на симптомите по кои може таа да се препознае, може да наведеме неколку од нив, со мала напомена дека истите се појавуваат толку често што може да се каже дека на нив се гледа како на образец на однесување. Значи, не зборуваме за инцидентни, од време на време однесувања. Па да речеме, некои од тие однесувања во врската можат да бидат следните, каде едниот партнер има, прави или наметнува:

  • Саботажа, намерно уништување и омаловажување на репутацијата, постигнувањата или успехот. Уцени.
  • Омаловажување, однесување кое води кон тоа партнерот да не се чувствува добро во врска со себе. Навреди на личноста, пријателите, критикување, исмевање и слично.
  • Вина, партнерот е секогаш виновен за сѐ, без оглед дали се нештата во негова контрола или не. За да се ослободи од вината и да ја ублажи ситуацијата, партнерот прави сѐ што може, дури и нешта со кои не е комфорен.
  • Непостојаност, неочекувани, силни реакции кои го прават партнерот да се чувствува исплашен, збунет и загрозен, како да мора „да оди на јајца.“ Екстремни реакции за мали нешта. Екстремни амплитуди во расположението, губење контрола.
  • Префрлање на одговорност, постојано наоѓање на изговори и оправдувања за однесувањата и обвинување на други луѓе за нив. Овде влегува и употреба на алкохол, дрога, ментални проблеми или трауми.
  • Контрола и манипулација, во смисла донесува одлуки, одредува што другиот партнер ќе носи, ќе зборува, ќе мисли, ќе прави, со кого ќе го поминува времето. Ултимативно го изолира партнерот од семејството и пријателите. Овде влегува и посесивност, љубомора, параноја и така натаму.
  • Непријателство, бесмислени расправии, вообичаено без некоја причина каде другиот партнер го менува однесувањето за да не го вознемирува.
  • Неискреност, лажење или прикривање на вистината. Тука спаѓа и немање комуникација за детали од животот на злоставувачот.
  • Непочитување, исмевање на мислењата, ставовите, интересите, односно личноста на партнерот, уништување на она што му припаѓа или одземање на истото.
  • Зависност, забрана за заработување сопствени средства заради финансиска зависност, забрана за образование, воспоставување на однос каде нема друг живот освен оној со него, закани по животот и личноста и/или нејзиното семејство доколку го напушти.
  • Заплашување, контрола на животот на партнерот преку внесување на страв или вознемирување или повторно преку закани.
  • Пасивно-агресивно, тивко поткопување на врската и партнерот, каде на прв поглед сѐ е во ред, но под површината врие.
  • Физичко насилство, употреба на сила за да го добие тоа што го сака – тепање и различни видови на физичко малтретирање.
  • Сексуално насилство, форсирање на партнерот на сексуални односи без негова согласност.

Кои се вообичаените методи вклучувајќи ги и психичките со кои насилникот ја манипулира жртвата?

– Би рекла дека методите на манипулација се исклучиво психички. Сметам дека физичкото насилство е крајната инстанца и е резултат од психичката манипулација. Кога веќе ќе дојде до физичка пресметка, работата е завршена. Па, некои од суптилните методи на манипулација би биле:

  • Добронамерност, гестови кои на прв поглед се невини и имаат добра намера, но ѝ наштетуваат на врската и на партнерот, како на пример, неизразувањето на сопственото мислење и чувства, заради било кои причини. Ова води или кон експлозија или кон потполно губење на комуникација. Ова е многу често однесување, бидејќи не ја сфаќаме штетата која тоа ја нанесува.
  • Интензивни емоции и однесувања, пренагласени со цел да се врзе партнерот, да се задржи и да се направи зависен. Честопати луѓето ова го сметаат за силно „искуство“ кое ги обзема.
  • Gaslighting“, однесување кое го наведува партнерот да ја преиспитува сопствената перцепција и здравиот разум, а завршува со извинување од страна на партнерот. Целта е да стане несигурен во врската.
  • Тишина, третман каде некој отворено го игнорира партнерот, не сака да има никаков контакт и комуникација со него, со што испраќа порака дека партнерот не е важен или „не постои“. Од друга страна, може да вика и да го игнорира правото на глас на партнерот, не дозволувајќи му да се изрази.

Зошто жртвите остануваат со своите злоставувачи?

– Има неколку причини кои најчесто се наведуваат во тој случај, иако не би рекла дека се причини, туку оправдувања за ситуацијата. Првенствено, жртвите мора да излезат од сопствениот магичен круг за да се ослободат од таквиот загрозувачки однос. Се мисли дека првиот чекор би бил интроспекција, поглед во себе и што е она што впрочем и ги довело во таа ситуација. А, потоа би се презеле и некои други чекори. Но, да се вратиме на причините, на пример: изместен мајндсет, како резултат од траумата и контролата, збунетост, сомнеж, обвинување на себеси, очај (Тој ме натера да верувам дека сум безначајна и сама. Се почувствував како да сум згрешила и сум заслужила); изгубена лична вредност, како резултат од деградирачкиот однос (Тој ме натера да верувам дека сум безначајна и сама. Се почувствував како да сум згрешила и сум заслужила); страв, како резултат од заканите за физичка и емоционална повреда заради контрола на жртвата и држење во стапица; опасно е да се напушти злоставувачот (Ми се закани дека ќе ме најде и ќе ме убие и мене и децата и моето семејство); синдром на жртва (Триаголник – жртва, спасител, прогонител), уверување дека злоставувачот може да се промени само заради љубовта или поднесувањето на партнерот, наоѓање оправдувања за него, верување дека може да го „поправи“, сожалување; децата – повторно причина која има врска со жртва и спасител, каде некој се става пред себеси, во овој случај децата (Јас ова го правам заради децата. – што и да е тоа.); очекувања од околината и минати искуства (страв, срам или жртва – повторно), кои се наметнати, преживеани, но сигурно не се наши; проекција на искуствата врз сегашниот партнер, непознавање на друга реалност (Го гледав татко ми како ја тепа мајка ми, најдов ист како него. Мајка ми ми рече дека е срамота да се разведам. Татко ми рече да се снајдам ако го оставам, нема да ме прими дома. Што ќе речат другите луѓе?); финансиска зависност, која може да е резултат од контрола на злоставувачот, недоволни приходи за да се грижат за децата, или земање на сите финансиски средства од страна на злоставувачот, долгови и слично. Мора да се напомене дека ова не мора да е реално, туку може да е уверување или претпоставка на жртвата (Нема да можам сама да се грижам за децата. Нема да заработам доволно. Нема да имам сигурност). Потоа, изолацијата, вообичаена форма на манипулација, која може да биде емоционална или физичка, сеедно, одвојување од пријателите и семејството.

Изолацијата е вообичаена форма на манипулација, која може да биде емоционална или физичка, сеедно, одвојување од пријателите и семејството.

Кои се карактеристиките на злоставувана жена, а од друга страна пак, постојат ли некои назнаки дека лицето е насилник?

– Жртвите честопати имаат предиспозиции да бидат злоставувани, што може да биде резултат на ниска самодоверба, недостаток на лична вредност и важност, чувства на вина и грижа на совест, беспомошност, срам, страв, депресија, идеализација на другите луѓе – посебно партнерите, интровертност, проблеми со авторитети, емоционално – ментални нарушувања, воспитување, менталитет, и друго. Истите овие карактеристики, и уште повеќе некои други, жртвата може да ги има и ако била подложена на насилство, но и ако не била. Што значи дека можеби е тоа последица на карактерни особини, некаков мајндсет или воспитување. Во секој случај за жртвата е тоа голема лекција. Резултатите од злоставување пак, можат да бидат катастрофални за жртвата, од несоница, кошмари, интензивни емоционални напади, до посттравматстко стресно нарушување, интензивен страв, панични напади, физички болести и загрозување на животот, дури и откако би го напуштила злоставувачот. Од друга страна, може да се каже дека и злоставувачот може да има исти или слични карактеристики како и жртвата, со тоа што манифестацијата на овие карактеристики е различна односно жртвата е на едната страна на медалот, а злоставувачот е на другата страна. На пример, некои од овие карактеристики би биле ниска самодоверба, а можеби и социјална изолација, навики на насилно решавање на потешкотиите – не знае друг начин, тоа е неговата реалност, травматични минати искуства – самиот да бил жртва на насилство, желба за моќ и контрола, воспитување -полова нееднаквост, психолошки проблеми, нарушувања на личноста, слаб карактер, зависности и слично. Сè ова би можело да ве наведе на размислување дека пред вас имате потенцијален, ако не актуелен насилник.

Како да се постигне побрзо опоравување од трауматичното искуство, како што е на пример, сексуалното насилство?

– Најпрво, потребно е жртвата да се освести дека помош има, бидејќи е прилично напорно, да не речам тешко, да излезе од врската сама. Потоа е потребно да донесе одлука дека сака и е неопходно да излезе од тој однос. Честопати, имам забелешки на ова, во смисла дека секоја жртва сака да излезе од таквиот однос или ете, не е така едноставно. Но, од искуство, бидејќи и самата сум била жртва на насилство во сите сегменти, таквиот став не помага. Бидејќи, одлуката повлекува и акција. Доколку нема акција, нема одлука. Оттука следуваат и следните чекори, на пример: Да се побара помош од пријател или член на семејството; Да се заштедат пари, ако е возможно; Да се побара стручна помош (правна, институционална, психолошка); Подготвеност и отвореност кон откривање на детали и искуства од односот; Соочување со себеси и сопствените стравови; Промена на личноста, храброст; Разбирање дека предизвици ќе има и сѐ е процес.

Како да се помогне на жена која трпи насилство?

– Најголемата помош можеби се состои во тоа таа да знае дека не е сама и дека има помош или некој на кого може да се потпре. Потоа, тоа можат да бидат разни активности и начини на поддршка во процесот на излегување од врската, на пример, обезбедување на правна помош, финансиска поддршка, обезбедување на место на живеење, психолошка помош или начини за промена на личноста, едукација…Во секој случај, сѐ што може да ја подигне, заштити, обезбеди или зајакне.

Дали дете кое расте во семејство во кое насилството е речиси секојдневие, може да израсне во ненасилна, одговорна и здрава личност?

– Мојот одговор е – да. Гледајќи го личниот пример, сметам дека секој може да ги надмине ограничувањата, само ако прифати одговорност за сопствениот живот и тргне да го гради како свој. Без навлегување во прашањата зошто тоа токму нам нѝ се случува и како тоа ние сме го одбрале тоа искуство за нас, што треба да научиме од тие искуства, нема да има прогрес и промена. Митовите дека некој може да ве направи мизерни или среќни се ирационални. Ние даваме дозвола нештото да се случува. Нормално е дека промената нема да се случи преку ноќ и дека е потребно време, работа, промена, храброст да се соочите со сите тие искуства и ограничувања, со себе. Сепак, самата одлука и желба поинаку да живеете ќе ве одведе на вистинскиот пат. Наше е само да си одговориме што сакаме за себе, за децата и од животот, и да преземеме акција во тој правец. И уште нешто. Сите ние сме многу посилни од што претпоставуваме или мислиме за себе. Човекот има нескршлив дух и тоа е она што нѐ води кон подобро јас, кон подобро утре. Само погледнете во себе. Ќе се изненадите од сопствената величина и убавина. Вие имате право да бидете среќни, слободни и сакани, првенствено од себеси, а потоа од сите други.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот