Антивакциналниот протест стана упориште на теории на заговор, повици за рушење на владата и навреди кон лекарите и новинарите

Присутните сечеа заштитни маски на протестот против ковид-мерките и вакцините / 15 август 2021, Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Протестот против новите мерки со кои на невакцинираните граѓани не им се дозволува влез на јавни настани и во кафулиња, се претвори во упориште на теории на заговор, лажни информации за вакцините, омраза за лекарите кои беа нарекувани ,,убијци” и повици за масовно кршење на законите.

Околу 3 илјади демонстранти без маски и без дистанца, се собраа во неделата пред зградата на Собранието. Се палеа маски, се извикуваше дека медиумите се платеници, а дел од говорниците изнесоа и тврдења дека вакцината е експериментална инјекција. Така, претседателката на здружението Од нас за нас, Гордана Гоџо и поддржувачот на Кју теоријата на заговор, кој на Фејсбук е познат како Мајк Тајсон беа најистакнатите фигури кои ги дадоа своите гледишта за тоа како ,,вакцините се небезбедни, пандемијата непостоечка, а лекарите несовесни и медиумите платеници”.

-Дали некој им кажува на граѓаните дека докторите мора да следат протокол за лечење од ковид за да бидат изземени од одговорност? Затоа сите се лекуваат исто. Дали има благи или посилни симптоми, протоколот е ковид. Како го откриваме ковид? Преку тестови кои не служат за дијагноза. Дали знаеме дека секоја година во Македонија има меѓу 20 и 30 илјади случаи на грип, а годинава само 666 случаи. Како медиумите не успеаа да ги најдат сите докази за оваа таканаречена пандемија, рече Гоџо по што следуваа скандирања ,,платеници, платеници” a потоа докторите беа наречени убијци.

Дел од демонстрантите кои воопшто не живеат во Макеодонија, туку се дојдени летово во земјава на одмор, а живеат во западноевропските земји, јавно повикаа македонските граѓани да ги кршат законите, да не носат маски, да ги кинат плакатите за задолжително носење маска во институциите и им дофрлуваа на полицајците што го обезбедуваа настанот да ,,не застануваат на страната на злото”.

Демонстрантите побараа да се поведат судски постапки од група адвокати за нарушување на човековите права.

-Ќе мора да ја срушиме самата пандемија за да имаме успех. Слобода или смрт, рече Гоџо.

Мајк Тајсон ја обвини владата дека мерките се по наредба на ,,длабоката држава” и повика на рушење на власта. Следни вакви протести ќе се одржат следната недела во 19 часот.

-На 40 степени не лаже Филипче дека има вирус. Не е народот толку глупав да верува дека има вирус на 40 степени, како што не лажете преку вашите телевизии што ги плаќате. Каков вирус на 40 степени, кај сте доктори? Нашиот имунитет што ни го дал Господ сатанистите го знаат и сакаат да ни го срушат, рече Тајсон.

Лекарите со вџашеност ги дочекаа навредите кон нив како и медицински неиздржаните тврдења. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека никому не му се наложува задолжителна вакцинација, туку дека станува збор за избор, но и дека мора да се штити јавното здравје. Тој потсети дека вакцините се безбедни, до 20 пати го намалуваат ризикот од смртен исход и побара од Лекарската Комора да се огласи и да ги заштити неговите колеги од фелата.

Доктор Марија Михајлова од ПЗУ Семед, како реакција на протестот потсети дека десетици здравствени работнии си ги дадоа животите лекувајќи во пандемијата и дека здравствениот кадар не заслужува ваков однос.

Десетици колеги и починаа како последица на коронавирусот. Ова е „фала“? Извици со „убијци, убијци“? Ова е огромно разочарување, кое освен за медицинарите, е и за општеството. Секој има право на различно мислење, секој има право да си искаже како ги перципира состојбите, да се вакцинира или не.. Но, не и на вакви карактеризирања. Никој не бил принуден на лекарски третман, туку секој сам се јавува на лекување. А за ние да лекуваме, сме го посветиле цел живот на образување кое трае и до денеска. Никој не бил натеран ниту на вакцинација, бидејќи секој сам си се изразува според негова волја. Туку каде се лекуваат овие лица за кои докторите се „убијци“? Ги повикуваме сите здруженија и институции на осуда на ваквото омаловажување на професијата и медицинарите, прашува доктор Михајлова.

Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари најостро го осуди говорот на омраза кон докторите и сите здравствени работници кои и со живот го платија лекувањето на пациентите болни од Ковид.
-Ја повикуваме Лекарската Комора да си ја врши својата работа и да ги заштити сите наши колеги, а Министерство за здравство да ги заштити сите вработени. Доколку било кој наш колега биде нападнат или вознемирен од толпата која протестира ќе прекинеме да лекуваме и ние ќе излеземе на улица, реагираа оттаму.

Реакција стигна и од новинарскиот синдикат.

,,Ние новинарите ,,платеници” го поздравуваме и внимателно го следиме корпусот граѓански активизам составен од партиско ситно есапџиски и манипулативен ќар на дневна основа и истиот нема да го заборавиме во нашите дневни и аналитички сознанија што ќе бидат пласирани во јавноста согласно нашите професионални и етички обврски. Патем, она што се слушна на протестот на сметка на новинарите покажува колку нивната безбедност е фрагилна и оти тоа бара најбрзо можно да се донесат законските измени со кои напад и закана кон новианр би бил напад врз службено лице регулирано со Кривичниот законик. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ви посакува здрав разум и мудра одлука кога е во прашање здравјето. Бидете информирани а ние од ССНМ ви укажуваме дека ширењето на лажни вести за ковид 19 е недозволиво, неморално и казниво по закон”, стои во дел од реакцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот