Ангеловски: Победата против Германија е шлагот на тортата

Ангеловски ја предводеше Македонија на Евро 2020/ фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Честитки за победата во Дуисбург стигаа од многу светски имиња на адресата на нашата репрезентација. Првата честитка беше од селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, а честитаа и останатите колеги, вели Ангеловски

Фудбалската репрезентација на Македонија минатата недела приреди вистинско изненадување во квалификациите за пласман на Светското пренство во Катар 2022 година со победата над Германија од 1:2.

За тоа колкав успех направи фудбалерите најдобро говори и податокот дека четирикратниот светски шампион во мундијалските квалификации има само три порази во својата историја. Првиот е од Португалија 1985 година, вториот е од Англија во 2001 година и сега од Македонија.
– Секако кога ќе ги видиме пофалбите и честитките од сите светски имиња, тогаш стануваме сверсни колку голема победа остваривме. Оваа победа е шлагот на тортата, на тоа што го работевме сиве овие години – вели селекторот Игор Ангеловски за „Слободен печат“.

EPA-EFE/THILO SCHMUELGEN

Очекувано, победата над големата Германија донесе голема еуфорија и прослава во Македонија, исто така се радуваа сите искрени љубители на фудбалот, а честитките доаѓаа од сите страни. Првиот кој му честита на селекторот е неговиот голем пријател и предводник на Хрватска. Но, Ангеловски смета дека иако победата ја крева самодовербата кај фудбалерите пред историскиот настап на Европското првенство кое ќе се игра од 11. јуни до 11. јули во 12. европски градови.

Нормално е дека многумина се јавуваа да ни честитаат за победата.  Прв кој ми честиташе е селекторот на Хрватска, Златко Далиќ, а  честитаа и останатите колеги затоа што многу добро знаат кого победивме и тоа на гости – вели селекторот Ангеловски.

фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Изминатите седум месеци се историски за македонскиот фудбал и репрезентација предводени од Ангеловски на клупата и Пандев, Елмас, Алиоски, Барди, Николов, Георгиевски, Адеми и останатите на теренот, остварен е пласман на Европското првенство, сега е победена светска велесила како Германија, а Македонија за прв пат ја има и во официјалниот албум на „Панини“. Селекторот како и сите репрезентативци не ја пропуштија можноста и тие да го собираат албумот во кој за прв пат се наоѓа и Македонија.
– Секaко дека чуството е неверојатно со тоа што и Македонија ја има во албумот на „Панини“. Ние со пласманот на Европското првенство го остваривме детскиот сон, а со појавувањето на Македoнија во албумот, тој детски сон го комплетиравме сите ние – вели Ангеловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот