Ангеловска: Се подготвува вториот сет мерки

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Таа најавува задолжување, кратење на сите непотребни буџетски трошоци и кратење на плати во администрацијата, за да може да им се помогне и на оние кои останале без никакви приходи.

Сега треба да се преживее, никој нема да остане неоштетен од кризата, вели министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за Радио слободна Европа.

Таа најавува задолжување, кратење на сите непотребни буџетски трошоци и кратење на плати во администрацијата, за да може да им се помогне и на оние кои останале без никакви приходи.

– Многу е тешко во една ваква ситуација, во едни вакви околности, исклучително тешко е да се прават предвидувања во однос на тоа колку ќе ја чини економијата. Ние разговаравме и со сите меѓународни финансиски институции, во моментов побаравме и ќе се изработува анализа од страна на Светската банка и Меѓународниот монетарен фондтокму за влијанието врз економијата од оваа криза, односно да видиме на кој сектор, на која индустрија колку се очекува да биде влијанието или во овој случај сега би рекла дека е исклучително тешко, второ несериозно да карикираме, да фрламе со бројки 500 милиони, една милијарда, колку ќе ја чини економијата.

Она што е евидентно е дека ние прво го избравме здравството, односно да преземаме мерки, за да го превенираме ширењето на вирусот, меѓутоа тоа буквално значи како сопирање на чешмата на економијата. Во овие сценарија кои ги имаме ние во Министерството за финансии и повторно ќе кажам и за нив е тешко и постојано и тука се менува состојбата. Имаме едно, да речеме, пооптимистично сценарио во кое што велиме ударот најголем на приходната страна ќе биде на вториот квартал. И во ова сценарио велиме дека во третиот квартал ќе почне одредена стабилизација, меѓутоа точно и да заврши ова во вториот квартал, не може ние да очекуваме дека веднаш економијата ќе функционира како што претходно функционирала, ќе треба извесен период. И во четвртиот квартал во тоа сценарио велиме дека ќе имаме веќе стабилизација.

Во второто сценарио велиме дека ударот го очекуваме да биде најсилен во вториот квартал и да имаме удар, можеме малку поблаг, и во третиот квартал во четвриот да започне оваа состојба на стабилизација или опоравување. И најпесимистичното сценарио, и тоа не е веќе далеку од реалноста, ако ги погледнете глобалните и светските предвидувања, е дека оваа криза ќе трае до крајот на годината, а опоравувањето ќе почне веќе следната година. Не зборуваме кој ќе победи и кој ќе добие, зборуваме како да ги санираме, да бидат штетите што помали и како сите што помалку да изгубиме, бидејќи нема некој што од оваа криза ќе излезе победник – вели Ангеловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот