Ангелоски: Бизнисите да реагираат претприемачки, институциите да обезбедат поддршка

Трајан Ангелоски / фото: ССК

Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски на „Марили бизнис форумот“ кој се одржа денес во Охрид истакна дека ситуацијата во која се наоѓаат бизнисите е исклучително тешка и неизвесна. Според него економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата со која се соочуваме трае многу долго, а предизвиците се надоврзуваат еден на друг.

Ангелоски, како што информираат од ССК, го истакнал и значењето на жените во бизнисот и женското претприемништво и активноста на жените претприемачки во ССК и воопшто и дека кризната ситуација во која се наоѓаме веќе трета години целосно го промени начинот на водење на бизнис.

– За да се остане во игра, односно да се сочува деловната активност треба да се развијат нови вештини како и нагласена способност за прилагодување. Растот на цените на енергенсите предизвика сериозен раст на инпутите во производните процеси, зголемувањето е на дневно основа и многу тешко се планира и одржува деловната активност. Синџирите на снабдување целосно се нарушени. Прогнозите за наредниот период се многу неизвесни, сите релевантни финансиски институции ги коригираат очекувањата за стабилизација на економиите и го одложуваат периодот за враќање на состојбите пред почеток на кризата – истакна Ангелоски

Според Ангелоски ССК се насочува кон креирање на нови можности за своите членови преку вклучување во нови регионални иницијативи како што е „Зелен навигатор на Западен Балкан”, кој ќе обезбеди поддршка во зелената трансформација на економијата.

– „Иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан” делува во насока на намалувањето на влијанието на климатските промени врз регионалната економија и општеството воопшто. Значајно е тоа што преку „Зелен навигатор” во фаза на акредитација е Зелен климатски фонд, преку кој ќе се финансираат климатски одговорни инвестиции во приватниот и во јавниот сектор во земјите од Западен Балкан, што ќе биде значаен придонес кон забрзување на зелената трансформација,  истакна Ангелоски.

Во панел дискусијата тој потенцираше дека во нашата земја жената како човечки капитал не е ставена во функција на економски раст и развој бидејќи половина од работоспособното женско население воопшто не се наоѓа на пазарот на труд.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот