Анчелоти убеден: Италија ќе ја елиминира Босна, сигурен сум сто отсто
Карло Анчелоти во моментов ја предводи бразилската репрезентација, која ноќта меѓу вторник и среда ќе одигра пријателски натпревар против Хрватска во Орландо, како дел од подготовките за Светското првенство.
Препорачано
Само неколку часа претходно ќе биде познато дали на Мундијалот ќе се пласира и Италија. „Аѕурите“ утре од 20:45 часот во Зеница ќе се соочат со Босна и Херцеговина во финалето од баражот за СП.
Италија ги пропушти последните две светски првенства, но Анчелоти е убеден дека нема да дозволи да се повтори истото сценарио и третпат.
Во пресрет на дуелот со Хрватска, стратегот на Бразил доби прашање за шансите на Италија против БиХ. „Аѕурите“ во Зеница ќе ги предводи Џенаро Гатузо, поранешен ученик на Анчелоти од времето во Милан.
„Му посакувам многу среќа и се надевам дека ќе го видам на Светското првенство. Ќе успее, сто отсто или да бидеме попретпазливи 95 проценти. Да оставиме нешто и на судбината. За Италија е добро што на СП би играла во не толку тешка група, каде што единствен посериозен ривал е Швајцарија“, изјави Анчелоти.
Инаку, БиХ и Италија до финалето од баражот стигнаа по победи во полуфиналето над селекции од Обединетото Кралство. Босна и Херцеговина славеше по пенали на гостувањето кај Велс (1:1), додека Италија на домашен терен беше поуспешна од Северна Ирска со 2:0.
Победникот од натпреварот меѓу Италија и БиХ ќе обезбеди место во групата Б на Светското првенство, каде веќе се наоѓаат домаќинот Канада, како и Швајцарија и Катар.


