АНБ: До денот на приведувањето не се побарани проверки за Миленкоски и другите двајца дипломати

Миле Миленкоски Фото: .linkedin

Постапката за добивање на безбедносни сертификати се спроведува во рамките на строго законски определена постапка и таа започнува со поднесување барање за издавање на безбедносен сертификат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во согласност со член 45 од Законот за класифицирани информации, соопшти денеска Агенцијата за национална безбедност во врска со безбедносните сертификати на лицата поврзани со случајот со приведувањето и одредување екстрадициски притвор на дипломатот Миле Миленкоски во Србија.

Во соопштението се додава дека Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (член 53 од Законот за класифицирани информации) Агенцијата за национална безбедност (член 4 и член 8 од Законот за АНБ) врши безбедносни проверки за лица заради утврдување на безбедносни пречки за издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации.

– Од извршената ревизија на постапките за спроведени безбедносни проверки е констатирано дека од денот на формирањето на Агенцијата за национална безбедност на 1 септември 2019 година до 27 август 2021 година, денот на приведувањето на М. Миленкоски, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки, ниту за Миленкоски, ниту за останатите две лица споменати во медиумите. Воедно е утврдено дека од трите споменати лица, важечки безбедносен сертификат до денот на задржувањето во Србија имал само Миле Миленкоски и истиот е издаден врз основа на извршена безбедносна проверка од втор степен од страна на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање на 9 февруари 2019 година. За останатите две лица е утврдено дека не располагаат со важечки безбедносни сертификати, наведува АНБ.

Во соопштението се наведува дека не се вистинити ниту информациите во некои од медиумите дека која било од останатите засегнати институции во земјата до денот на притворањето на М. Миленковски во Србија, доставиле информација до Агенцијата за национална безбедност за наведениот случај.

– Агенцијата за национална безбедност поаѓајки од своите законски надлежности, а согласно барањето за ревизија на издадениот безбедносен сертификат налицето Миле Миленкоски доставено на почетокот од овој месец презеде соодветни активности за преиспитување на исполнетоста на условите утвредни од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање и за одземање на безбедносниот сертификат на горенаведеното лице, велат од АНБ.

Агенцијата и во наредниот период, како и досега, се додава во соопштението, ќе продолжи за сите сознанија поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата да ги информира со закон утврдените субјекти. -Сите останати прашања поврзани со статусот, третманот и натамошно процесуирање на лицата инволвирани во горенаведениот случај се во надлежност на со закон утврдени институции во Република Северна Македонија, истакнува АНБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот