АМС со владина поддршка ќе ја преземе организацијата на Охридскиот маратон

фото: pfm.org.mk

Откако сфатија дека ѓаволот ја однесе шегата со можноста да не се организира традиционалниот Охридски пливачки маратон, и општинските власти и Владата преку Агенцијата за млади и спорт реагираа и најавија дека ќе ја преземат одговорноста за организацијата на манифестацијата која за прв пат се одржа пред точно 60 години.

Прво се јави општина Охрид преку градоначалникот Кирил Пецаков кој рече дека ќе направи сè за Охридскиот маратон да се одржи.

– За оваа година ќе направиме сè што е и што не е во наша моќ да успееме да го организираме Охридскиот маратон. Ја повикуваме и државата, на што добив и веднаш одговор од Агенцијата за млади и спорт. Треба да пристигне директорот и да видиме на кој начин би учествувале тие во организацијата на маратонот. Начинот на раководење на маратонот години наназад и односот со него го гледам и по однос на посетеноста како од година во година се уништува и ќе мораме како Локална од наредната година да ги разгледаме сите опции – рече Пецаков.

Веднаш потоа реагираше и Агенцијата за млади и спорт која соопшти дека со владина помош ќе го органира Охридскиот пливачки маратон.

– Годинава е 60-годишниот јубилеј на Охридскиот маратон. Како традиција, која Охрид и државата ги става во центарот на светската спортска мапа, Агенцијата за млади и спорт, заедно со Владата и сите надлежни институции, нема да дозволат овој познат реномиран и светски признаен пливачки маратон да прекине и ќе ја презеде организацијата за одржување на маратонот. И годинава, Охридскиот маратон во водите на Охридското езеро ќе ги пречека сите пријавени учесници и ќе продолжи да биде атракција како за вљубениците во спортот, така и за граѓаните на Охрид и за сите туристи кои наменски доаѓаат токму за да го проследат овој голем спортски настан – стои во дел од соопштението на АМС.

АМС најави дека утре во просториите на општина Охрид ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат објавени деталите околу организацијата на Охридскиот пливачки маратон.

Реакцијата на општина Охрид и на АМС дојде откако Националната пливачка федерација поради финансиски проблеми и блокирана сметка донесоа одлука да не го организираат Охридскиот пливачки маратон.

Првиот човек на Федерацијата, Горан Стојановски, го обвини претходното раководство предводено од Александар Малеко дека оставило повеќе неисплатени обврски и парични награди за пливачите за маратоните во 2019 и 2021 година.

Маленко пак со свое соопштение објави дека тој организира три Охридски пливачки маратони во 2018,2019 и 2021 година и притоа не добил ниту еден денар од државата ниту од генералниот покровител, претседателот на Македонија.

– Од 2018 година до 2021 година  беа организирани три Меѓународни традиционално Охридски пливачки Маратони во ФИНА светска серија – 25км (2018, 2019, 2021г) како и Олимписка Дисциплина ФИНА-светска серија и ЛЕН европски куп (2018, 2019, 2021г) и ФИНА супер финале 2021 година – 10 километри. За волја на вистината, еден денар – ЕДЕН ДЕНАР, ДОЛАР, ЕВРО НЕ СЕ ИСПЛАТЕНИ ниту од ДРЖАВА ниту од Генерален Покровител – Претседател на Држава за 2018, 2019, 2021 година на Пливачка Федерација (носител на лиценца за организација) а добиени се највисоки награди во историја на олимписки спорт и Македонија за техничка организација од ФИНА – 9 плакети и Лен – 3 плакети на Технички Организатор Пливачка Федерација и нејзино раководство период 2018-2021 година!!! – стои меѓу другото во соопштението на Маленко.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот