Американски командоси и Фоки на готовс за ослободување на заложниците од Хамас

Воена вежба на специјалниот морнарички одред Фоки - Seal/Фото: EPA PHOTO US NAVY/-/rix

САД испратија експерти за спасување заложници за да ги советуваат израелските вооружени сили (ИДФ) за ослободување на 150 заложници – веројатно вклучувајќи и некои Американци – киднапирани од Хамас за време на крвавиот напад врз Израел.

Според извори на кои се повикува веб-страницата Месинџер, САД испратиле советници од разузнавачката заедница за да го засилат американскиот тим за специјални операции стациониран во американската амбасада во Израел.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во вторникот потврди дека Вашингтон има „луѓе на терен“ кои ќе им помагаат на израелските власти „со разузнавање и планирање“ за можни операции за спасување заложници.

Остин рече дека Пентагон има „основна врска“ во Израел која работи со израелските специјални сили. Тој исто така изјави дека САД имаат способност „брзо да распоредат други ресурси во регионот“.

Во меѓувреме, американските сили за специјални операции се ставени во состојба на готовност во „блиската европска земја“, според двајца високи американски воени претставници кои разговарале за Месинџер под услов да останат анонимни.

Изворите рекоа дека овие единици би можеле сами да спроведат операција за спасување доколку им се даде наредба. Но, засега нема индикации дека тие американски сили ќе помогнат во какви било операции на теренот во Израел, велат изворите. Но, тие се на само неколку часа со авион доколку треба да интервенираат.

Официјалните лица не кажаа какви сили за специјални операции се ставени во готовност, но рекоа дека тие се под Здружената команда за специјални операции.

Двете основни единици за борба против тероризмот под Заедничката команда за специјални операции кои историски преземале мисии за спасување заложници низ целиот свет се Делта Форс, официјално познати како Први специјални сили – Оперативен одред-Делта, и SEAL Team Six (Поморска група за развој на специјална војна) на морнарицата.

Белата куќа објави дека 11 Американци се убиени во Израел, а неколку се уште се водат како исчезнати. Официјални лица не потврдија дека меѓу заложниците има и Американци, но во вторникот, членовите на семејствата на четворица Американци се јавија да кажат дека веруваат дека нивните најблиски биле киднапирани во Појасот Газа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот