Американка од Алјаска, Света Олга е првата православна светица од Северна Америка
Американката од Алјаска, Олга Михаил, е првата православна светица од Северна Америка, која беше прогласена за „Света Олга, мајка на цела Алјаска“ на церемонија одржана во нејзиното родно село Кветлук, објавија американските медиуми.
Препорачано
„Ја сметав само за моја мајка“, изјави ќерката на Олга, Хелен Ларсон, која присуствуваше на церемонијата одржана пред една недела, заедно со нејзините други бројни деца и внуци, објави агенцијата „АП“.
Како што додаде, сега сфатила дека Олга не е само нејзина мајка, туку дека им помага на сите.
Света Олга станала позната во црковните заедници низ Алјаска по својата тивка великодушност, побожност и сочувство – особено како утешителка на жените кои страдале од злоупотреба, спонтан абортус, од најинтимните трауми. Таа можела да ја сподели сопствената тага, откако изгубила пет деца кои не доживеале зрелост.
Нејзината слава се проширила на сè поголем круг следбеници по нејзината смрт од рак во 1979 година на 63-годишна возраст – преку усни приказни и извештаи за нејзиното појавување во свети соништа и визии, дури и меѓу луѓе далеку од Алјаска.
Сега, по раскошната церемонија во нејзиното село со околу 800 жители во југозападна Алјаска , таа е првата жена православна светица од Северна Америка, официјално позната како „Света Олга од Кветлук, мајка на цела Алјаска“.


