Доналд Трамп и венецуалскиот претседател Николас Мадуро - Извор - Икс

Америка може да го ликвидира Мадуро — на Западот ништо ново

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп уби повеќе од 60 луѓе во меѓународни води и распореди голема воена флота крај Венецуела додека се подготвуваат удари и се одобруваат тајни операции на ЦИА, а Вашингтон ја зголеми наградата за лидерот на Венецуела, Николас Мадуро, на 50 милиони долари. Според извор близок до американското воено планирање и поранешниот аналитичар на ЦИА, Фултон Армстронг, ова во пракса го прави неговото „приведување“ речиси невозможен и ризичен потфат што може да заврши со негово ликвидирање.

Воената ескалација на американскиот претседател Доналд Трамп го оживува сеќавањето на некогашните државни удари во Латинска Америка, а овој пат мета е венецуелскиот лидер Николас Мадуро, кој од Вашингтон е означен како „нарко-терорист“.

Историјата на односите меѓу САД и Латинска Америка е исполнета со интервенции — од соборувањето на чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде во 1973 година и убиството на доминиканскиот диктатор Рафаел Трухиљо во 1961 година, до ударот во Гватемала во 1954 година што предизвика долга граѓанска војна. ЦИА стоела и зад повеќе неуспешни обиди за ликвидација на Фидел Кастро, вклучувајќи го и неуспешниот десант во Заливот на свињите, настани кои денес се предупредување за Николас Мадуро.

Мадуро преживеа атентат во 2018 година кога два дрона експлодираа за време на негов говор во Каракас, а тој ѝ го припиша нападот на Колумбија, а опозицијата го нарече „инсцениран“. Во 2020 година, венецуелските сили спречија група од 60 дисиденти и двајца поранешни американски специјалци кои се обидоа да го киднапираат венецуелскиот лидер.

Американската војска се приближува кон Венецуела

Во последните месеци администрацијата на Трамп уби над 60 луѓе во меѓународни води кај Латинска Америка, тврдејќи дека „води војна со нарко-картелите“. Сега Вашингтон, според извештаи, се подготвува за удари врз воени цели во Венецуела, поврзани со шверц на дрога. САД распоредија голема воена флота крај брегот на Венецуела, а Трамп дополнително го засили притисокот дозволувајќи ЦИА да спроведува тајни операции во земјата, чиишто детали остануваат класифицирани.

„Веројатно Мадуро ќе биде ликвидиран“

Според извор, запознаен со американското воено планирање, Вашингтон не остава сомнеж дека овие чекори можат да имаат смртоносни последици за Мадуро, објави весникот „Мајами хералд“.

— Мадуро ќе се најде во стапица и набргу може да сфати дека нема каде да побегне, дури и ако се обиде. Веќе има повеќе генерали, спремни да го фатат и да го предадат — објаснува изворот.

Администрацијата на Трамп ја зголеми наградата за информации за Мадуро на 50 милиони долари и одобри тајни операции на ЦИА, но не откри дали е дозволено и физичко „отстранување“. Поранешниот аналитичар на ЦИА, Фултон Армстронг, предупредува дека, поради строгиот режим на обезбедување, наградата во пракса е „мртов или жив“, а обидите за негово приведување веројатно би завршиле со ликвидација, анализира британски „Гардијан“.

ЦИА доби овластување да спроведува тајни операции во Венецуела

Нов доказ за решеноста на Вашингтон се појави минатата недела кога „Асошиејтед прес“ објави дека агент на САД безуспешно се обидел да го поткупи пилотот на Мадуро за да ја сврти неговата летечка траекторија и да овозможи киднапирање.

Армстронг смета дека Трамп е сосем свесен оти целиот процес може да биде смртоносен за Мадуро.

— Ние рутински ликвидираме луѓе што дури и не се високи членови на терористички групи. Ако сме подготвени да ги убиеме нив, зошто би било чудно да се користат смртоносни средства против некого што се смета за водач на картел? — потенцира тој.

„Мадуро не е Хитлер, мораме да внимаваме“

Друг поранешен агент на ЦИА, кој учествувал во таргетирани атентати на Блискиот Исток, посочува дека ваквите операции се одобруваат со голема претпазливост и врз основа на проценка на заканата.

— Претседателот и Советот за национална безбедност го составуваат планот и решаваат кој ќе ја изврши акцијата… прашањето е дали тоа ќе води до војна. Мадуро не е Хитлер. Тој е лидер на суверена држава и идејата да се ликвидира таков човек изгледа непропорционално. Последните децении избегнувавме директно убиство на светски лидери — вели изворот.

Трамп ѝ се закани на Венецуела: Цената која ќе ја платите ќе биде непроценлива

Армстронг смета дека Вашингтон се обидува да поттикне внатрешен удар против Мадуро, што би овозможило промена на власта без директна интервенција на САД. Сепак, аналитичари предупредуваат дека таков потег најверојатно би донел нов лидер од истото левичарско движење, а не вистинска демократија.

Меѓународното право важи за кого како

Според меѓународниот правник Филип Сендс, постапките на администрацијата се „во спротивност со темелните принципи на меѓународното право“, објави „Политико“.

— Тешко е да се тврди дека шверцери на дрога извршуваат вооружен напад врз САД. Ако почнеме да ги третираме како борци, тоа отвора опасен преседан — анализира Сендс.

Според Сендс, борбата против нарко-картелите мора да се води преку кривични, а не воени механизми. Поранешни американски воени правници предупредуваат дека овие операции немаат основа во правото на самоодбрана и го прекршуваат меѓународното право.

Иако САД не се членка на Меѓународниот кривичен суд, тој може да има надлежност ако нападите се извршени врз бродови или врз авиони од држави членки, што отвора можност за истрага. Сендс додава дека поединечни земји би можеле да поведат сопствени постапки или да се обратат до Меѓународниот суд на правдата, но таквите чекори би носеле тешки политички последици, особено за помалите држави.

Тој укажува и на двојниот стандард на Трамп кој го поддржа обвинението против Путин, а истовремено остро ја осуди постапката против израелскиот премиер Нетанјаху, посочувајќи дека „тоа е класичен пример за меѓународно право за другите“.

Венецуела спроведува вежби за заштита на своите брегови од „тајни операции“ на САД

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот