Америка почна да ги воведува новите правила за барателите на зелена карта
Администрацијата на Трамп почна од дел од подносителите на барања за зелена карта да бара објаснување зошто не се вратиле во своите матични земји и таму не ја почнале постапката за постојан престој во САД. Новиот пристап предизвика загриженост меѓу имиграциските адвокати, кои сметаат дека дополнително ќе го оптовари и онака преоптоварениот систем и ќе одврати дел од луѓето од обидот легално да го регулираат својот статус, пишува „Вашингтон пост“.
Препорачано
Американската служба за државјанство и имиграција објави дека повеќето подносители на барања во иднина треба постојан престој да бараат надвор од САД, со што се менува децениската практика според која многу имигранти можеа да поднесат барање за зелена карта додека веќе се наоѓаат во земјата. Адвокатите велат дека некои подносители веќе добиле прашања зошто не заминале од САД по истекот на визата и дали постои нешто што ги спречува да се пријават преку конзулат.
Страв од раздвојување на семејства
Новите правила особено би можеле да ги погодат членовите на семејства на американски државјани, работници, студенти, раководители и верски службеници. На пример, имигрант кој влегол во САД со туристичка виза, таму останал подолго од дозволеното и потоа се венчал со американски државјанин, би можел да се најде под многу поголемо внимание отколку порано.
Адвокатите предупредуваат дека лицата што ќе ги напуштат САД по пречекорување на визата би можеле да добијат забрана за повторен влез до 10 години. Поради тоа, на многумина им советуваат да не ја напуштаат земјата додека администрацијата не објави појасни упатства.
Особено загрозени се луѓето од земји во кои американските конзулати се затворени, обработката на визи е замрзната или за термин се чека со години.
Стручни работници
Функционер од Министерството за домашна безбедност рече дека новите правила само го обновуваат „долгогодишниот закон и политика“ и дека нема да имаат видлив ефект врз висококвалификуваните подносители на барања и стручњаците што го почитувале законот. Американската служба за државјанство и имиграција наведе и дека лицата што можат да докажат „економска корист“ или дека се во национален интерес на САД и натаму ќе можат да бараат зелена карта од земјата.
Деловните здруженија, сепак, предупредуваат дека промената би можела да го наруши работењето на компаниите, особено на оние што вработуваат странски стручњаци и дипломци од американските универзитети. Американската стопанска комора порача дека е загрижена бидејќи новата политика би можела да го отежни постојаниот престој за истражувачи, неодамнешни дипломци и луѓе што веќе легално работат во САД.
Во акциите на Трамп против имигрантите „настрада“ тетката на неговата портпаролка


