Амбасадорот Ховениер си оди од Приштина: Го напуштам Косово знаејќи дека има светла иднина
Американскиот амбасадор во Косово во заминување, Џефри Ховениер, денеска по прошталната средба со претседателката на Косово Вјоса Османи и положувањето цвеќе на споменикот на поранешниот претседател на Косово Ибрахим Ругова, изјави дека ја напушта оваа задача „знаејќи дека иднината на Косово е светла и дека неговите можности се бескрајни“.
Препорачано
„Најголема чест во мојата кариера беше да служам во оваа улога и да придонесам за заедничките напори на САД и Косово за унапредување и консолидирање на суверено, независно, мултиетничко, демократско и просперитетно Косово. Горд сум на нашите заеднички достигнувања и ја напуштам оваа задача знаејќи дека иднината на Косово е светла, а неговите можности се бескрајни“, рече тој во специјално подготвена видеоснимка.
Ховениер му се заблагодари на косовскиот народ за укажаното гостопримство и зборуваше за достигнувањата на Косово во годините кога тој беше амбасадор на САД, од јануари 2022 година досега. Дипломатот со Косово се занимава од 1999 година, кога беше дел од американската делегација за преговори меѓу Косово и Србија на Конференцијата во Рамбује.
Тој беше дел и од персоналот на пратеникот на ОН за статусот на Косово, Марти Ахтисари. На 10-годишнината од независноста на Косово, Ховениер беше одликуван од тогашниот косовски претседател Хашим Тачи.


