Знаме на Алжир фото ЕПА

Алжир ја прогласи француската колонизација на земјата за злосторство, бара извинување и отштета од Париз

Алжирскиот парламент во средата едногласно усвои закон со кој француската колонизација на земјата се прогласува за злосторство, со барање за официјално извинување и исплата на отштета, потег што Париз го оцени како „непријателски“, пренесе „Њуараб“.

Стоејќи во салата, пратениците, облечени со шалови во боите на националното знаме, извикуваа „Да живее Алжир“ додека го поздравуваа усвојувањето на законот, во кој се наведува дека Франција носи „правна одговорност за своето колонијално минато во Алжир и за трагедиите што ги предизвикала“.

Гласањето доаѓа во време кога двете земји се вовлечени во сериозна дипломатска криза и, иако мерката има претежно симболичен карактер, таа е политички значајна, оценува аналитичар.

Претседателот на парламентот, Брахим Бугали, пред гласањето изјави дека законот ќе испрати „јасна порака, и внатрешно и надворешно, дека националната меморија на Алжир не може да се избрише, ниту, пак, да биде предмет на преговори“.

Во законодавството се наведуваат „злосторствата на француската колонизација“, меѓу кои нуклеарни тестирања, вонсудски убиства, „физичка и психолошка тортура“, како и „систематско ограбување на ресурсите“.

Во законот се истакнува дека „целосната и праведна компензација за сите материјални и морални штети предизвикани од француската колонизација е неотуѓиво право на алжирската држава и народ“.

Портпарол на француското Министерство за надворешни работи го осуди усвојувањето на законот како контрапродуктивно за „желбата за обновување на француско-алжирскиот дијалог и за смирување на дискусиите за историските прашања“.

Францускиот функционер изјави дека Париз „не ја коментира внатрешната политика на Алжир“, но потсети на „работата што ја презеде“ претседателот Емануел Макрон со формирање комисија од историчари која го проучува периодот на колонијалното владеење.

Алжир го повика францускиот амбасадор на разговори за третманот на Алжирците во Париз

Француското владеење над Алжир од 1830 до 1962 година и понатаму претставува чувствителна точка во односите меѓу двете земји.

Периодот беше обележан со масовни убиства и депортации, кулминирајќи со крвавата војна за независност од 1954 до 1962 година.

Алжир тврди дека војната однела 1,5 милиони животи, додека француските историчари ја проценуваат бројката на околу 500.000 загинати, од кои 400.000 биле Алжирци.

Макрон претходно ја има признаено колонизацијата на Алжир како „злосторство против човештвото“, но досега не понудил официјално извинување.

Минатата недела, францускиот портпарол за надворешни работи Паскал Конфавре изјави дека нема да коментира „политички дебати што се водат во странски земји“.

Истражувачот на колонијалната историја Хосни Китуни од Универзитетот во Ексетер оцени дека „правно гледано, овој закон нема меѓународно дејство и затоа не е обврзувачки за Франција“.

Но, додаде тој, „неговото политичко и симболично значење е големо – тој означува прекин во односите со Франција во поглед на колективната меморија“.

Овој потег доаѓа во време на дипломатски тензии меѓу Париз и Алжир, кои започнаа минатата година откако Франција официјално ја поддржа мароканската сувереност над спорниот регион Западна Сахара, каде што Алжир го поддржува бунтовничкото движење Полисарио.

Тензиите дополнително се продлабочија по неколку настани, меѓу кои и осудата и затворањето на француско-алжирскиот писател Буалем Сансал, кој на крајот беше помилуван по германска интервенција.

Макрон ги укинува визните ослободувања за алжирските службеници и дипломати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот