Алушовски: Голема победа како поттик да бидеме вистински и понатаму!

EPA-EFE/MANUEL FERNANDO ARAÚJO

Вардар 1961 вечерва во својот втор натпревар од групата „А“ во Лигата на шампионите пред празните трибини во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје поради коронавирусот, ја забележа првата победа оваа сезона откако го совлада Флензбург со резултат 31:26 (17:15).

Иако речиси еден месец немаше официјални мечеви, а противникот од Германија е веќе во силна натпреварувачка форма, денеска играчите на тренерот Стевче Алушовски имаа одлична партија, со сета борбеност за секоја топка на теренот, паметна и мудра игра успеаја да ги израдуваат своите навивачи.

Сефте за Вардарци во ЛШ, убедлив триумф над Флензбург

– Честитки на Флензбург за прикажаната игра. Што се однесува до нас, за нашиот тим, претседателот, фановите ова е една голема победа која би можела да ни го отвори вратите за осминафинале и воедно која што ќе ни даде поттик да бидеме прави и понатаму. Честитам на овие момци за покажаниот карактер, навистина и покрај еден месец без официјален меч, подготвени го дочекавме овој предизвик. Тактички со 5-1 добра одбрана, добро го анализиравме Флензбург. Немаме многу време за славје, веќе размислуваме на Порто, ќе се обидеме да освоиме нови два бода – изјави после мечот тренерот на Вардар 1961, Стевче Алушовски.

На прашањето зошто Векиќ не доби шанса, зошто Чупиќ играше на позицијата десен бек. дали тоа беше тактичко изненадување, Алушовски одговори најпрвин дека Вујин имаше здравствени проблеми, последните два дена се пожали на повреда на ногата, а Чупиќ одигра како врвен десен бек, тоа што се подготвуваше.

– Иван е поискусен и беше еден од најдобрите во овој меч. Тоа беше тактичка замисла затоа што сакав да се враќаме и во одбрана да се игра во позицијата 5-1, да се игра на лев бек, тоа што беше замислено со Чупиќ беше остварено – додаде Алушовски кој потоа одговори и на критиките околу неговото водење како тренер на клубот и после првиот пораз во Белорусија од Мешков Брест.

Особено во Македонија, нели сите се паметни, и сакаат да бидат паметни после „војната“ не само кај нас, туку секаде во светот. Јас се трудам да ја извршувам мојата работа и тогаш кажав максимално посветено и коректно, да го пренесам моето искуство, тоа што го знам. Мислам дека момците добро ме следат и се надевам дека и понатаму ќе имаме вакви мечеви во Лигата на шампионите – истакна тренерот на Вардар 1961.

Фото: РК Вардар 1961/Денис Дуковски

Ловро Јотиќ, ракометарот на Вардар 1961 исто така блескаше против бундеслигашот со четири голови.

– Честитки до Фленсбург за фер плеј играта, за нас беше важно да го играме овој натпревар, после еден месец без ракомет..Одигравме добро и во првото и во второто полувреме. Како што кажав ова е многу важно за нас, да играме ракомет, и едвај го чекаме следниот меч со Порто дома, уште еднаш честитки до соиграчите – беа зборовите на хрватскиот плејмејкер Јотиќ.

Следниот меч „црвено-црните“ ќе го имаат повторно на домашен терен на 22 октомври 2020 година против португалската екипа на Порто (20.45 часот).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот