Фото: rkalkaloid.mk

Алкалоид доминантно до победа над Струга, Митев се врати на терените

Ракометниот клуб Алкалоид денеска ја запиша осмата суперлигашка победа во сезоната и останува непоразен во пресрет на дерби мечот со РК Вардар 1961 што ќе се игра во недела.

Денеска гостин во Автокоманда беше екипата на РК Струга, а РК Алкалоид ја оправда улогата на голем фаворит и уште од почетокот на натпреварот имаше комплетна контрола врз настаните на теренот.

Средбата беше одбележана со посебен момент за РК Алкалоид. Марко Митев, еден од најдобрите македонски ракометари беше прв пат во составот на Алкалоид по повеќемесечна пауза поради повреда.

Марко Митев го пропушти финишот на минатата сезона и сѐ досега се подготвуваше за враќање на теренот. Враќањето на плејмејкерот е одлична вест и за македонската репрезентација која во јануари во Данска ќе игра на Европското првенство 2026.

Алкалоид поведе 8:4, 10:5, а на полувреме беше 19:13. Марко Стојковиќ со шест гола беше особено голгетерски расположен во првиот дел. Резултатската доминација продолжи и во второто полувреме, па во 33 минута веќе беше двоцифрена разлика (23:13). Емилијан Ѓорговски се разигра и стигна до шест постигнати голови по 40 минути игра.
До крајот разликата растеше, за конечно семафорот да застане на резултат 44:27 за тимот на Кирил Лазаров.

Во редовите на Алкалоид Ѓорговски постигна седум голови, шест Стојковиќ, а повратникот Митев два погодоци. На спротивната страна Махдуб запиша седум погодоци, а по четири имаа Костов, Ферукоски и Атанасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот