Алкалоид без проблеми со Пролет 62, Дамјан Митев стрелец на 10 гола
Денеска во рамките од 19 коло од македонската ракометна Суперлига, играчите на Алкалоид во салата „Автокоманда“ ја оправдаа фаворитската улога против Пролет 62 со резултат 37:29.
Препорачано
Ласко Андоновски го постигна првиот гол за Пролет 62 во 2026 година, за водство од 1:0 во „Автокоманда“. Нешто подоцна Андреј Стојановски погоди за 2:2, а избраниците на новиот тренер Доне Мајнов целосно му парираа на фаворитот сè до 6:6 со вториот гол на Стојановски.
Алкалоид постигна три гола во низа пред капитенот Андоновски да намали на 9:7, домашниот тим имаше најубедливи „плус четири“ во првото полувреме (11:7 и 12:8). На одмор ракометарите предводени од тренерот Кирил Лазаров имаа водство од 17:14.
Некако спласна одличниот ритам на Пролет 62 што го одржуваше во првото полувреме, а тоа знаеше да го искористи Алкалоид и да ја зголеми предноста и по шест минути игра во вториот дел на семафорот стоеше 21:15. Домаќинот ја казнуваше секоја грешка на гостинот и кон средината на полувремето стигна и до двоцифрена позитива од 28:18 и тука веќе беа решени сите дилеми околу конечниот исход.
Во победничките редови одличен беше Дамјан Митев со 10 гола, четири помалку запиша Филип Николов, а голманот Иван Галевски забележа 13 одбрани.
На спротивната страна Тони Димковски беше прв стрелец со осум погодоци, шест постигна Никола Стоилевски.
На табелата Алкалоид е на четвртото место со 31 бод, колку и третопласираниот ГРК Охрид, додека Пролет 62 е на деветтата позиција со 12 бодови.
Во другите денешни мечеви: Струга – Бутел Скопје 24:35, Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2 39:24, Тиквеш – Радовиш 44:23.
Табела: Вардар 1961 36 бодови, Еурофарм Пелистер 32, ГРК Охрид 31, Алкалоид 31, Тиквеш 20, Бутел Скопје 20, Еурофарм Пелистер 2 17, Прилеп 16, Пролет 62 12, Куманово 7, Струга 6, Радовиш 0.


