Активни се 1.920 случаи на коронавирус, меѓу заразените и вработени во градинки

Скопје, лето 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во изминатите 24 часа регистрирани се 140 нови случаи на КОВИД-19, со што вкупниот број на активни случаи во земјава се искачи на 1.920. Најмногу заболени се уште има во Скопје и Куманово, а од вчера почнаа да се забележуваат нови случаи и низ неколку градинки во државата, и тоа по само три дена од нивно отворање.

Според извештајот на Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 15.694. Бројката на оздравени пациенти е 13.128, а починале вкупно 646 лица.

Досега, во земјата се направени вкупно 164.639 тестирања на ковид -19.

Од направените 1.507 тестирања во текот на вчерашниот ден, најмногу нови случаи се регистрирани во Скопје – 43, потоа во Куманово со десет новозаболени, Штип – 4, Прилеп – 9, Тетово – 12, Струга – 7, Гостивар – 9,  Струмица-11, Кочани-5, Свети Николе – 3, по еден во Охрид, Крива Паланка и Македонски Брод, по двајца во Велес, Гевгелија, Радовиш, Делчево и Ресен и по тројца во Дебар, Битола, Кавадарци и Виница.

Институтот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден има регистрирано 134 оздравени, а четири починати лица.

Во Скопје преовладува бројот на активни случаи, и тоа најмногу во Чаир со 52 случаи, потоа во Гази Баба – 71, Аеродром – 99, Карпош – 66, Центар – 72, Кисела Вода – 53, Ѓорче Петров – 33, Бутел – 36, Шуто Оризари – 12, Студеничани – 11, Сарај – 17, Арачиново – 8, Илинден – 11, Сопиште – 4, Чучер Сандево – 2, Петровец – 4 и Зелениково – 1.

Вирусот почна да се шири и во градинките. Заклучно со вчерашниот ден, регистрирани се позитивни случаи во градинките во Скопје, Битола и Свети Николе.

Негувателки во градинки во Битола и Скопје се позитивни на коронавирус, деца и вработени ставени во изолација

Од Министерството за труд и социјална политика вчера информираа дека се работи за заболена вработена во градинката  Мајски Цвет – Битола  – објект „Коца Василевска”. Во другиот случај се работи за вработена во градинката „Раде Јовчевски Корчагин” во Скопје.

Во однос на првиот случај, од страна на КЗБ остварен е контакт со родителите на децата и изолирани се само децата од таа група.

Од Министерството посочија дека согласно проценките на КЗБ, нема опасност за останатите групи од објектот и тие можат да продолжат со работа и примање на деца. Притоа, во домашна изолација се и други пет вработени во истата градинка до 15 односно 17 септември, од последниот контакт со заболената вработена во градинката.

За сите пет деца кои биле во групата на вработената позитивна на Ковид-19, даден е предлог за здравствен надзор заклучно со 23 септември. Во однос на оваа градинка, потенцираат од Министерството, се превземаат сите мерки за дезинфекција на објектот и просторијата во градинката.

-Вториот случај, се работи за вработена во градинка ЈУДГ на О.Ц ,,Раде Јовчевски Корчагин”, која од 9 септември не е на работно место и нема контакт со прием на деца во период кога градинките почнаа со работа, прием на деца и згрижување. Согласно, препораката на епидемиолозите, каде е пријавен случајот, доколку до недела 13 септември не се пријават вработени со симптоми објектот може да продолжи да работи нормално од понеделник, велат од МТСП.

Исто така и вработената во детска градинка „Рахилка Гонева”, Клон 1 во Свети Николе е позитивна на КОВИД-19, покажаа и официјалните резултатите од тестирањето. Поради тоа што имала симптоми на коронавирусот, во средата вратите на овој објект не беа отворени за 110 деца.

Вработената во градинка во Свети Николе е позитивна на ковид-19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот