Актерот Сем Нил откри дека го победил ракот
Ѕвездата од „Паркот Јура“, Сем Нил (78), потврди дека го победил ракот, четири години откако му беше дијагностициран рак на крвта во стадиум 3. Тој го припишува своето закрепнување на имунотерапијата, која ја примил откако хемотерапијата не успеала.
Препорачано
Во интервју за „7 њуз Аустралија“ објавено на 26 април, Нил даде детали за својата борба.
– Имав еден вид лимфом. Бев на хемотерапија, што беше прилично болен процес, но ме одржа во живот – рекол тој.
– А потоа хемотерапијата престана да делува. Бев изгубен и се чувствував како да умирам, што секако не беше идеално – продолжил тој.
Актерот на крајот се подложи на ЦАР T-клеточна терапија, за која Американското здружение за рак вели дека може да биде ефикасна опција за третман на тешко излечливи ракови на крвта. Терапијата функционира така што ги „обучува“ сопствените имунолошки клетки на пациентот да го препознаваат и уништуваат ракот.
– Тукушто направив скенирање и нема рак во моето тело. Тоа е нешто извонредно. Многу сум возбуден што тоа е можно – открил Нил.
Актерот сподели во 2023 година дека му е дијагностициран ангиоимунобластен Т-клеточен лимфом една година претходно, додека го промовираше „Светот на Јура: Превласт“, откако забележал отечени жлезди.
Низ тешките времиња, Нил, кој го има синот Тим, со поранешната партнерка Лиза Хароу, и ќерките Елена и Маико, со поранешната сопруга Норико Ватанабе, се обидувал да најде стабилност во својот личен живот.
– Не можам да се преправам дека изминатата година немаше свои темни моменти. Но, тие темни моменти само ја направија светлината да свети посветло и ме направија благодарен за секој ден и неверојатно благодарен за сите мои пријатели. Имам среќа што сум жив – изјавил тој за „Гардијан“ во 2023 година.
Сепак, тој се помирил со својата смртност додека се фокусирал на својот третман.
– Не се плашам од умирање, но тоа би ме направило нервозен. Бидејќи навистина би сакал уште една или две децении, знаете? Ги изградивме сите овие прекрасни тераси, имаме маслинови дрвја и чемпреси, и сакам да бидам тука за да го видам сето тоа како созрева – признал тој.
– И ги имам моите прекрасни внуци. Сакам да ги видам како растат. А што се однесува до умирањето? Не ми е гајле – додал тој.


