Ако ни ја отфрлат иницијативата, истиот ден ја напуштаме владината коалиција, вели Ангелов
Доколку Владата ја отфрли иницијативата на Достоинство за праведен надомест на нематеријална штета на воените инвалиди, 30 необештени воени инвалиди, и 15 семејства на загинати, истиот ден ќе ја напуштиме владината коалиција, рече вечерва Стојанче Ангелов, претседател на партијата „Достоинство“ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Препорачано
Тој во вечерашното гостување на телевизијата „Сител“, Ангелов рече дека во случај да им биде отфрлена инцијативата, нивното излегување од владината коалиција ќе биде повеќе во знак на револт, но оти сепак се надева дека низ разговор ќе се најде заедничко решение.
„Доколку Владата ја отфрли нашата иницијатива, ние ќе ја напуштиме владината коалиција, свесни дека притоа нема да предизвикаме политички земјотрес. Ние работиме реалполитика, свесни дека сме мал политички фактор, без пратеник и како и да е, нашето излегување од владината коалиција ќе биде повеќе во знак на револт. Но, јас искрено, врз основа на изјавата на премиерот, јавно дадена изјава којашто ја повторив во два наврата наредните денови, се надевам дека низ разговор ќе најдеме решение со коешто ќе го надминеме овој горлив проблем“, рече Ангелов.


